Достапни линкови

Познати предизборните медиумски монитори


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Партиите предложија членови на телото кое ќе ги мониторира медиумите пред избори. Тие имаат право на месечен надоместок за својата работа во висина од три и пол просечни месечни плати во Македонија, односно околу 80.000 денари.

Слаѓана Димишкова од Вест и Цветин Чилиманов од МИА по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и Горан Трпеноски од Вест и Љубомир Костовски од онлајн магазинот Глобус по предлог на СДСМ, се четворицата членови на ад - хок телото што ќе ги мониторира медиумите за предизборниот период и за време на изборите.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека ги именувала овие членови на Привременото ад хок тело за следење на медиумите пред предвремените парламентарни избори.

"Петтиот член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, директорот на Агенцијата ќе го именува по претходен предлог усвоен со консензус од четирите члена, во рок од 15 дена од нивното именување, односно најдоцна до 23 август", соопшти Агенцијата.

Измените на изборниот законик предвидуваат еден од петте члена на привременето тело да биде припадник на најголемата немнозинска заедница, така што сега очекувањата се дека експертот кој треба да го изберат четирите члена ќе биде Албанец.

Претходно, ДУИ и ДПА не беа заинтересирани за предлагање членови на комисијата, па СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ добија можност да предложат по двајца.

Законот предвидува и членовите на телото да имаат право на месечен надоместок за својата работа во висина од три и пол просечни месечни плати во Македонија односно околу 80.000 денари.

Инаку со последните измени донесени на 28 јули во Собранието се намалуваат и казните за медиумите за 50 отсто. Договорот кој четирите партиите го потпишаа осум дена пред гласањето на измените предвидува ад - хок телото да го мониторира исполнувањето на одредбите на изборниот законик кои се однесуваат на медиумите.

„Почнувајќи од сто дена пред изборите, Советот на Агенцијата ќе ги следи препораките на новоформираното тело и ќе иницира процедури виз-а-ви медиумите како што е пропишано во законодавството. Ад хок тело ќе го оценува балансираното известување на медиумите за период не помал од една недела“, се наведува во договорот.

Во него се прецизира и дека за првото прекршување ќе биде издадено предупредување, а секое наредно ќе биде санкционирано согласно намалените казни.

Мандатот на привремената комисија трае до завршувањето изборниот процес на предвремените избори за пратеници во Собранието, кои ќе се одржат во 2016 година.

Дел новинарски организации одбија да соработуваат при составувањето на ад - хок телото. Здружението на новинари на Македонија соопшти дека го смета за лошо решение договореното од партиите на 20 јули. Двајца од предложените членови сега на ад - хок телото се од МАН. Димишкова е претседателка на асоцијацијата, а Чилиманов е потпреседател.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG