Достапни линкови

Рекордно ниско пошумување во Македонија


Треба да се пошумува во планина, а не на телевизија. И покрај големите промоции и фалби за Денот на дрвото, статистиката покажува дека во последните три години е пошумена површина колку само во 2009 година.

Во изминатите три години е извршено најмало пошумување во последните повеќе од три децении, а веројатно и повеќе, со оглед на тоа што бројките од пред 1990 година покажуваат дека во тоа време се пошумувало драстично повеќе. Последните податоци на Државниот завод за статистика се за 2014 година, кога биле пошумени 1.064 хектари, што е веројатно најлошата година од кога постои државно организирано пошумување, а дефинитивно најлоша од 1983 година од кога успеавме да ги најдеме најстарите податоци.

Во 2013 година биле пошумени 1501 хектари, а во 2012 – помалку од 1400 хектари. Претходната најлоша година е 2007, кога биле пошумени 1800 хектари. Помалку од две илјади хектари се засадени и 2001, 2002 и 2004 година.

Колку за илустрација, во 1983 година биле пошумени скоро 10 илјади хектари. Од тогаш, површините кои се пошумуваат паѓаат до 2007 година. Наредните три години – 2008, 2009 и 2010 има раст на пошумувањето, за од 2011 година повторно да почнат да се намалуваат и во 2014 година да го достигнат рекордно ниското ниво.

Во последните три години исто така се намалува и површината под шуми во земјава, откако претходно расте од 2004 до 2011 година. Во 2014 година, во Македонија имало 983 илјади хектари под шума, додека на пример во 2002 година имало 5700 хектари повеќе.

Експертите ги посочуваат оголените планини и ридови како еден од факторите што придонесуваат за големи штети и поплави при поројните дождови, како оној што во саботата го зафати скопскиот регион или оној од минатата година, кој однесе човечки животи во тетовско.

Леб ќе си купиме, дајте механизација
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Професор Иван Блинков од Шумарскиот факултет во Скопје вели дека шумите се пресудни за урамнотежување на водните режими, заштита од ерозии и порои, особено кај малите водотеци. Тој го посочува пошумувањето на Водно како еден од најуспешните примери.

„Каде што има критични подрачја мора да се работи и на пошумување, меѓутоа само пошумување, без градежни објекти, како што се канали во пороите, каскади коишто ќе го задржат тој нанос, не може. Често пати се прави грешка во последните 20-30 години, систем за уредување на реки, како што е Вардар, се применува и на некои порои. Значи, само се прави канал низ населено место, а горе не е решен проблем. Тука е големата грешка. Тоа е исто како да имате заболен и шуплив заб, со заболен корен, а вие само да ставите навлака. Ништо не сте направиле. Затоа мора да биде координирана соработка, мора да има целосно решение ако сакаме да го решиме проблемот“, вели Блинков.

Тој посочува дека од 1946 година досега се пошумени околу 200 илјади хектари голини.

Од 2008 година во Македонија се организира Ден на дрвото по два пати годишно. Власта постојано ја најавува оваа манифестација на сите ѕвона и во јавноста создава впечаток дека во изминатите години има рекордно големо пошумување. Сепак, Државната статистика, покажува дека пошумувањето е со сличен интензитет во изминатите две децении, а рекордно ниско во последните три години. За Денот на дрвото не се соопштува површината која ќе биде пошумена, туку се бројат садниците. Минатата година беше соопштено дека досега се засадени 50 милиони дрвја и оти 60 отсто од нив се зафатиле.

Опозицискиот СДСМ претходно критикуваше дека наместо благородна акција, Денот на дрвото се претворил во крајно сомнителен проект преку кој се злоупотребуваат народните пари и прашуваат колку буџетски средства се потрошени за оваа намена, ниту каков е вистинскиот ефект од пошумувањето. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека СДСМ критикува од завист, затоа што во нивно време немало вакви масовни акции за пошумување. Експертите, пак, постојано посочуваат дека пошумувањето треба да се прави плански.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG