Достапни линкови

Борбата со климатските промени ќе ја водат и нашите деца


Климатските промени нема да поштедат никого, па од нас зависи дали ќе бидеме неми посматрачи или активни учесници во оваа глобална игра. Сценарија како ќе станеме пустина, ќе нема снег, ќе се намали храната, виното ќе изгуби вкус, ќе демне опасност од заразни болести и што ли уште не воопшто не се невозможни и далечни, доколку не се преземат одлучни чекори.

Повисоки температури, поплави, помалку храна и вода , се само дел од опасностите кои ги носат климатските промени. Изминатите неколку години се регистрирани како најтоплите откако се мери температурата во земјата. Бевме сведоци на поплави и пожари, а се предвидува дека тие ќе стануваат и се почести.

Поради влијанието на климатските промени ќе исчезнат едни, а ќе се појават други видови на растенија и животни. Во публикација на Министерството за животна средина за биолошката разновидност и климатските промени се наведува дека најголем ризик од климатските промени ќе се одразат на 79 видови габи и мовови, 74 видови алги, 392 виши растенија и 113 рбетници. Климатските промени ќе влијаат и на водите. Се очекува намалување на достапноста на вода за 18 проценти до 2100 година, стои исто така во публикација на Министерството за животна средина.

Не постои еден сегмент од живеењето кадешто Македонија нема да биде зафатена, за жал Македонија претежно ќе биде зафатена во сите тие сегменти негативно.

„Климатските промени се нешто со коешто живееме. Покачувањето на температурата и тие топлотни бранови, топлотни удари коишто ќе направат проблем на земјоделските култури, можете да замислите како ќе направи проблем на човека, оние коишто се фрагилни групи, болни, постари луѓе, секако нивното здравје и нивната благосостојба ќе биде загрозена. Ќе биде многу потопло, опасноста од пожари ќе се зголеми, значи не постои сектор којшто нема да биде загрозен. Поплави, врнежите ќе бидат помалку, меѓутоа постои опасност од тие многу интензивни врнежи кои ќе зафатат мало сливно подрачје. Не постои еден сегмент од живеењето кадешто Македонија нема да биде зафатена, за жал Македонија претежно ќе биде зафатена во сите тие сегменти негативно“, вели професор Ордан Чукалиев.

Поплави и свлечишта го погоди селото Шипковица во Тетово во август.

Поплави и свлечишта го погоди селото Шипковица во Тетово во август.

Промената на климата во земјава најмногу ќе се одразат на земјоделството. За климатските промени неодамна во Охрид се разговараше на меѓународен симпозиум за земјоделство и храна. Професорот на факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, вели дека земјоделството силно ќе биде погодено од климатските промени.

Преку кампањата, на младите им ја пренесовме пораката: климатските промени и уништувањето на животната средина во голема мера се резултат на човековото однесување и затоа преку нашите индивидуални напори сите ние можеме да ги намалиме глобалните закани од климатските промени.

„Но не само земјоделството, целиот жив свет и целата природа во која и тие природни ресурси, земјиштето и водите ќе бидат на некој начин на удар од она што се очекува и кои се проекциите за тие климатски промени. Македонија нема да биде исклучок, бидејки се наоѓа во една неповолна климатска зона каде не може да биде исклучок“, вели Димитриевски.

Има начин како да им се помогне на земјоделците, стопанствениците, државата за справување со предизвиците кои ги носат климатските промени, вели Димитриевски. Тоа може да биде во истражување на нови технологии, нови сорти кои што ќе можат да ги издржат промените, адаптирање на животните на промените,

По се изгледа луѓето сфатија дека нема посматрачи во оваа опасна игра, па чекорите како штедење енергија, рециклирање, садење дрвја, користење велосипед, наместо автомобил стануваат се погласни.

УСАИД спроведува проект за Општински стратегии за климатски промени во соработка со Милиеуконтакт Македонија. Во периодот октомври - ноември 2015 година се спроведе кампања за подигнување на јавната свест за климатските промени.

Со Радмила Славкова – асистент за комуникации на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени спроведуван од Здружението за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија, разговаравме, за целите на проектот, за реакциите на граѓаните опфатени со кампањата, за тоа што може ние да направиме, како локалните заедници се подготвени да се справат со климатските промени.

Климата се менува, од нас зависи, е насловена кампањата која ја спроведувате. За што всушност се работи?

Преку кампањата, на младите им ја пренесовме пораката: климатските промени и уништувањето на животната средина во голема мера се резултат на човековото однесување и затоа преку нашите индивидуални напори сите ние можеме да ги намалиме глобалните закани од климатските промени и со тоа да им помогнеме на нашите локални заедници.

Што може ние да направиме за да се спречат последиците, односно да се намалат заканите?

За да се спречи глобалното затоплување и појавата на климатските промени мора да се преземат сериозни мерки, како на индивидуално, така и на национално и глобално ниво. На индивидуално ниво тоа би подразбирало редуцирано возење со автомобил, за сметка на поширока примена на велосипедот како превозно средство, рециклирање, намалена употреба на тешко разградливи пакувања, купување енергетски ефикасни производи, изолирање на нашите домови, развивање навики за заштеда на електрична и топлинска енергија, чување на зелените површини и други мерки кои ја намалуваат нашата лична стапка на CO2. На поширок план, државите и владите потребно е да преземат сериозни мерки за лимитирање на емисиите на стакленички гасови преку намалување на употребата на фосилни горива и поширока примена на обновливи извори на енергија, регулирање на транспортот, мерки за елиминирање на загадувањето од индустриските капацитети, мерки за енергетска ефикасност на јавни и станбени објекти, контролирање на масовната урбанизација за сметка на намалување на зелените површини во големите градови, мерки за пошумување, управување со отпад / рециклирање, итн.

Целиот разговор со Славкова проследете го во продолжение.

Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на Самитот за климатски промени во Париз рече дека како што е неопходен мир меѓу луѓето и народите, така е неопходен и мир со природата.

„Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци. Денес сме тука за да се обидеме да ја избегнеме провалијата кон која се стремиме.
Денес сме тука за да покажеме дека имаме доволна политичка волја за да се соочиме со реалноста на глобалното затоплување“, рече Иванов во своето обраќање.

Справувањето со климатските промени е долгорочна борба

Климатските промени се во критична фаза. Исто како и решеноста на луѓето дали ќе преземат нешто во врска со тоа. Овие промени се најголемата опасност со која се соочува човештвото и бараат заедничка акција како никогаш досега. Решението е јасно: светското стопанство да биде сто отсто базирано врз чисти извори на енергија.

Справувањето со климатските промени е долгорочна борба, неа ќе ја водат и нашите деца и затоа, според експертите, не можеме да се откажеме само затоа што една конференција или самит нема да успее да резултира со брзо решение. Впрочем Самитот во Париз е и така замислен, да го постави знакот за првиот чекор што може да се направи на долгиот и тежок пат.

„Тука во Париз можеме да му покажеме на светот што е можно кога ќе се здружиме и ќе ги обединиме заедничките напори за една заедничка цел. И да нема сомневања, идната генерација не следи што правиме“, изјави американскиот претседател Барак Обама кој призна дека неговата земја ќе треба да стори повеќе за да се откаже од енергијата која ја загадува атмосферата.

Собирот во Париз нема да го реши проблемот. Нема дури да биде специфициран некаков план за да се задржи глобалното затоплување под два Целзиусови степена, точка над која, според научниците, светот, не смее ни да помисли да оди. Со оглед на сложената и поделена природа на меѓународните преговарачи, спогодба со која се предвидува детално и целосно решение, не е реална цел. Но, Париз, според експертите, може да го постави светот на патот да го спречи испуштањето штетни гасови во атмосферата, да изгради механизми за контрола на напредокот на земјите и да етаблира институции кои ќе ги притискаат владите во светот да преземаат се повеќе обврски. Повеќе на оваа тема проследете во ТВ Темата „Битка во која сите ќе бидеме победници“.

На Самиот во Париз, претседателот Иванов ги претстави и националните придонеси кон климатските промени.

„Нашиот став е јасен. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и применлив за сите земји. Овој сеопфатен договор треба да содржи конкретни чекори за ублажување и адаптација кон климатските промени, за финансирање, јакнење на капацитетите и трансфер на технологии. Треба да содржи начин на спроведување и транспарентност на активностите и поддршка. Во рамките на нашите можности ќе се придржуваме кон таков климатски договор“, рече Иванов.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG