Достапни линкови

logo-print

Стајковци - Леб ќе си купиме, дајте механизација


Подруми полни со вода, дворови полни со кал. Жителите на Страјковци бараат повеќе механизација за да може да ги исчистат поплавените куќи. Лопатата не вреди додека не се испумпа водата, велат тие.

Недостига работна сила, но уште повеќе недостига координација и механизација, велат жителите на Стајковци додека немоќно покажуваат кон уништените куќи, чии подруми се полни со вода, а дворовите со кал до колена.

Жителите на Стајковци, нивни роднини и пријатели, војници со лопати, работници од комуналните претпријатија ширум Македонија, пожарникари и други јавни служби им помагаат на поплавените да ја исчистат калта, но жителите велат дека недостигаат пумпи за испумпување на водата.

Војо Маневски, чија куќа е една од оние најблиску до обиколницата чека да дојдат работници со пумпа за да ја исфрлат водата од подрумот.

„Некни беше министерот тука на сред село и вели десет пумпи имаме, па му велам - малку се министре десет пумпи, па 1.000 куќи има во Стајковци. Требаат повеќе пумпи. Еве тука на цела улица има две пумпи, а има 15 куќи, а во еден подрум можеби има и повеќе од 20 кубика вода. Не се живее внатре во куќите од смрдеа“, вели Маневски.

При расчистувањето на неговата, но и на околните куќи помагаат работници од комуналното претпријатие во Кавадарци кои дошле изутрината.

Дел од луѓето што работат со пумпите не сакаат да зборуваат пред микрофон, но неофицијално велат дека недостига механизација. Освен пумпи, недостигаат и цистерни со вода, за да ја разбуричкува насобраната кал за и неа да може да ја исфрлаат со пумпа, велат тие, и додаваат дека на овој начин, по исфрлањето на водата ќе остане многу работа за чистење на калта.

Билјана Петровска од Стајковци вели дека е очигледен недостигот од механизација, но потресено додава дека материјалните штети вака или онака ќе се санираат.

„Не треба манекени, треба да се фатат лопати, камионите да истовараат. Погодени сме сите. Штетата е ненадоместива. Тргнав на погреб, но за жал не стигнав. Детето што го пронајдоа, Иван, учеше со син ми. И само таа слика ми е пред очи, сето друго е ништо, ќе се снајдеме, ќе преживееме како-така, меѓутоа човечките жртви се ненадоместиви“, вели таа.

Полни тракторски приколки и камиончиња изнесуваат теписи, троседи, кревети и друг оштетен мебел. Дел од жителите, пак, оштетената покуќнина ја чуваат во дворовите, чекајќи да дојдат надлежните за да направат проценка на штетите. Стравуваат дека ако го исфрлат оштетениот мебел, подоцна нема да им ја надоместат штетата.

Пунктот со помош во храна, вода и детергенти е сместен во основното училиште Кирил и Методиј во Стајковци. На портата е истакнат лист хартија на кој пишува граѓаните да не доаѓаат сами, туку оти помошта ќе им биде носена по куќи. Во селото затекнавме и активисти кои собираат хуманитарна помош на пунктовите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG