Достапни линкови

Во кумановската детска градинка секогаш се бара место повеќе


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Во кумановската градинка Ангел Шајче минатата година имало дупло повеќе деца од предвиденото. Оваа година на листата на чекање има околу петстотини деца. Градинката има потреба од нови објекти.

Во шест објекти на Детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, проектираниот капацитет за 884 деца и во два центра за ран детски развој предвиден за 160 деца, секогаш се бара место повеќе, вели директорката Марина Алексовска.

„Ние минатата учебна година завршно со 10-ти јуни завршивме со илјада 725 деца. Тоа е речиси двојно повеќе од проектираниот капацитет.“

Одамна во најголемата локална заедница, со тоа и најголемата градинка во државава има потреба од нови објекти.

„За тоа треба големи капитални инвестиции. Слушаме дека во други општини се градат градинки. Кај нас состојбата е алармантна, за што се запознаени и ресорното Министерство и Советот на Општината. Од нив секоја, па и оваа година ќе побараме согласност за оваа бројка деца.“

Според Алексовска на листата на чекање моментно се околу петстотини деца, бројка која не е за потценување. Не само што не може сите деца да бидат прифатени, но и оние што се прифатени се над нормативите во сите групи.

Марина Алексовска, директорна на детска градинка во Куманово.

Марина Алексовска, директорна на детска градинка во Куманово.

За младите мајки кои не се вработени, а сакаат нивните деца да се социјализираат и образовно да другаруваат со нивните врсници постојат двата центра за ран детски развој, во училишните објекти во „11 Октомври“ и ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“.

„Во центрите програмата е скратена на три часа, бесплатно е, но сепак мора да бидат евидентирани, да се знае дека редовно ќе доаѓаат.“

Главниот упис во градинката е завршен, Алексовска меѓутоа додава дека и натаму пристигнуваат пријави за нови запишувања.

За тоа какви се сегашните деца, директорката вели дека тие се секогаш исти.

„Убаво е да се темпераментни, љубопитни, а ние сме тука заедно со нив секогаш да истражуваме, да набљудуваме, да се социјализираме, да се едуцираме.“

Со оглед на тоа што децата уште од рана возраст се зависни од мобилни телефони и компјутери, како се однесуваат, особено што во градинка ги немаат електронските играчки, според Алексовска ова се надминува со програми за летен период како „Забавно лето“. Децата играат на отворено, а потоа и во објектот имаат конструктивни игри.

„Децата не знаат како е играње на улица, та затоа имаме и еден проект за традиционални игри, стари,спортски,селски, подвижни игри.“

Во месецот јуни во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце околу двесте деца и дел од родителите се натпреварувале во 17 традиционални игри, раскажува Алексовска.

Во Градинката „Ангел Шајче“ согласно мултиетничноста во градот постојат и такви групи во кои децата се запознаваат, другаруваат, но и учат албански, српски, ромски јазик, како и за спецификите на средината од која потекнува нивниот врсник од другиот етникум.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG