Достапни линкови

logo-print

Компјутери за лицата со посебни потреби во Куманово


Словенечката амбасада донираше пет компјутери за дневниот центар за лица со посебни потреби во Куманово.

Дневниот центар за лица со посебни потреби сместен во еден дел од градинката „Ангел Шајче“, кај поранешниот ЧИК во Куманово, во надлежност на Министерството за труд и социјални работи постои 11 година, прогласен е за најдобар од таков вид во државава, а во него пет дена во седмица престојуваат лица од пет до 26 години. Некои од нив се уште од почетокот. Поради корисници со потешки пречки во развојот, во стручниот тим во центарот освен психолог, педагог, социјален работник и дефектолог, работат и физиотерапевт и медицинска сестра.

Со макотрпна работа има напредок кај овие лица. Во процесот на социјализација научија да се дружат, хигиенските навики кои сами почнаа да ги извршуваат, а тоа го применуваат и во домашни услови.

Во овој Дневен центар со 24 корисници и двајца во адаптивен период, словенечкиот амбасадор донираше пет компјутери, а во тек се проекти за општествено корисна работа, со поддршка од локалната самоуправа која финансира и десет вработени.

Психологот Ивица Благојевиќ вели дека во центарот се лица со тешки, комбинирани и умерени ментални пречки во развој.

„Со макотрпна работа има напредок кај овие лица. Во процесот на социјализација научија да се дружат, хигиенските навики кои сами почнаа да ги извршуваат, а тоа го применуваат и во домашни услови“, вели Благојевиќ и додава дека со лицата сега работат на создавање работни дисциплини.

Исполнето е и кога ќе дојде дома детето е весело со она што тука го работи. Послободно е сега. Секој ден има напредок, дома ги повторува работите што тука ги научила. Кога ќе дојде некој гостин таа кажува сè што работи на школо.

„Затоа што тие ја надминуваат старосната граница и по научените основни работи, сега е оспособување за самостоен живот во иднина. Тие учат да готват, цртаат, слушаат музика, пеат, играат“, вели тој.

Центарот има сопствен превоз со кој корисниците се превезуваат секојдневно од и до дома.

Сузана Петковска е мајка на 26-годишна Ана. Ќерка и е тука од самиот почеток. Според неа, задоволството на нивните деца поради престојот во центарот е и задоволство и на родителите.

„Исполнето е и кога ќе дојде дома детето е весело со она што тука го работи. Послободно е сега. Секој ден има напредок, дома ги повторува работите што тука ги научила. Кога ќе дојде некој гостин таа кажува сè што работи на школо“, вели таа.

Сузана вели дека ќерка и е со тешки пречки во психофизичкиот развој, но за неа престојот во центарот е препородување.

„Сакаме да има уште повеќе вакви центри и за поголема возраст, зашто сега сум загрижена што понатаму. Ние родителите старееме, изморени сме, истоштени“, вели таа.

Во Куманово постои уште еден дневен центар, „Порака Наша“ за лица од над 18 годишна возраст, кој пак не е финансиран од државата. Изминатите години, освен донатори, спонзори, приватни фирми и поединци хуманисти, на центарот му помагаше и локалната заедница. Веќе половина година вработените во центарот и корисниците се оставени сами на себе и на самоснаоѓање.

За работа со лица со интелектуална попреченост, освен стручноста, неопходна е и добра волја и многу љубов. Како што засега стојат работите во „Порака Наша“, меѓу корисниците и вработените постои неизмерна љубов, која, како што тие се надеваат, ќе ја разбуди совеста кај оние кои порано помагале, за да продолжат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG