Достапни линкови

Кумановските градинки пренатрупани


Градинката „Ангел Шајче“ во Куманово.

Градинката „Ангел Шајче“ во Куманово.

Годинава во кумановските градинки се запишале над 1.500 деца, а капацитетот на шесте објекти е 869.

Оваа учебна година во два уписни рока во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово примени се 1.547 деца од кои за 1.467 родителите потпишале договор, а на листа чекање останале уште 246 деца, вели директорката Марина Алексовска. Таа додава дека поради просторниот лимит нема место за сите деца, иако и со примените во шесте објекти капацитетот е 869. Ова е проблем од пред неколку години, со што се запознаени и локалната власт и Министерството за труд и социјална политика.
Се надеваме дека оваа учебна година ќе се доградат две простории во постоечките, а во планот на локалната самоуправа е да се изградат објекти и во две приградски населби.

„Се надеваме дека оваа учебна година ќе се доградат две простории во постоечките, а во планот на локалната самоуправа е да се изградат објекти и во две приградски населби.“

Во градинката неколку години функционираат и билингвални групи, македонско- српска и македонско- албанска, кои од пилот проекти сега станале дел од установата, а не е исклучена можноста да се создаваат и други мозаик групи. Има и логопеди и дефектолог, а минатата година 45 деца имале потреба од работа со такви кадри, вели Алексовска.

Децата кои првпат се сретнуваат со престој во градинка поминуваат низ еден тежок процес на адаптација, што пак не е едноставен ниту за младите родители, забележува
Децата кои се соочуваат со нова средина секако дека ќе манифестираат некакви отпори. Тоа е пресвртница во нивниот живот. Тие се сретнуваат со нови луѓе, со режим на ден, како што велиме ние, што е и одреден психички напор. За тоа им е потребна подготовка, која пак треба да ја направат и родителите.
психологот Лидија Николовска Ѓорѓиевска. Според неа тргнување во градинка за децата значи пресвртница и влегување во нешто ново од нивниот живот.

„Децата кои се соочуваат со нова средина секако дека ќе манифестираат некакви отпори. Тоа е пресвртница во нивниот живот. Тие се сретнуваат со нови луѓе, со режим на ден, како што велиме ние, што е и одреден психички напор. За тоа им е потребна подготовка, која пак треба да ја направат и родителите. Тие кога децата кога ги оставаат во градинка имаат чувство на вина, се соочуваат со дилема дали тоа е исправно или не, се преиспитуваат, размислуваат дали нивните деца плачат преку денот и затоа прават отстапки кои не се препорачливи. Децата најчесто пружаат отпор затоа што треба да спијат во градинка. Најмногу се плашат од оставањето. Тоа е всушност сепарација, одвојување на дете од родител. Најтешко се адаптираат оние деца кои не престојувале кај други луѓе, баби, дедовци, роднини. Периодот на адаптација вообичаено има нус појави и очекувани реакции кај децата. Очекувано е во процесот на адаптацијата кај децата да им се намали имунитетот, да има одредени телесни реакции, покачување на температура, проливи, поголемите симулираат стомачни болки, повраќање. Тоа е еден процес што треба да се помине со помалку последици. Родителите се најчесто исплашени. Некои од родителите кои за првпат се соочуваат со тоа прават отстапувања, ги повлекуваат децата од градинка, што пак со тоа на детето му дава можност и во други ситуации каде што треба да се прилагоди тој вид на отпор ќе го користи како инструмент да не вложува напор во одредени ситуации што го очекуваат во животот.“

Николовска Ѓорѓиевска вели дека затоа и родителите треба да се запознаат со сите услови во градинката и можностите кои таа ги нуди за нивните деца. Затоа треба да биде и постапно влегување во градинката во присуство со родителот, а потоа времето на престојот да се продолжува.

Првата недела не се препорачува детето да спие во градинката. Зошто?

„Кога детето легнува да спие тоа се навраќа на моментите на разделба со родителот на вратата, не знае што да прави самото со себе, почнуваат потиснати емоции и затоа се јавува, бес, плач, лутина, може да се појави и ноќно мокрење, зборување во сонот ноќе, затоа се бара многу топлина и љубов од родителите и позитивни разговори со децата за градинката.“

Периодот на адаптација во градинката зависи и од индивидуата-дете,така што има деца кои не пружаат никаков отпор и градинката ја прифаќаат сосема нормално.

Виолета Стошевска педагог која зад себе има 30 годишно искуство во градинката вели дека секоја година децата се сè поразлични.

„Порано децата се дружеа и дома, во семејството, со другарчиња во непосредна околина, со комшивчиња, со помали, со повозрасни од нив, играјќи традиционални игри. Сега тоа го нема. Другарчињата се заменети со компјутер, за жал, една многу скапа играчка, многу лоша за нивното здравје, живот, социјализација и тоа го забележуваме во градинка. Тие игри што секојдневно и подолго време ги играат на компјутерот се набиени со некоја негативна енергија, сакаат се тие да се први, да победуваат, агресивни се и тоа се пренесува и во периодот на адаптација во градинката. “

Стошевска додава дека се настојува во градинката тоа да се надмине, таму за сега нема компјутери, но сепак неопходна е соработка со родителите. Ако проблемот и тогаш не се надмине тешко ќе биде за идните генерации,бидејќи:

„Не знаат да играат никакви друштвени игри, на пример, не знаат да прескокнуваат јаже, не знаат „кленѕавојска“, „не лути се човече“, каде што се развива другарство. За жал тоа е последица на тоа што родителите се по цел ден на работа, доаѓаат дома нервозни, преживуваат мобинг на работните места, а дома не можат да му посветат доволно време и внимание на детето, да го помилуваат како што детето има потреба. Дури и ако се случи некоја кавга како што се случува во животот, детето се чувствува како отфрлено, запоставено. Тоа се манифесира и дома кога спијат, а и кај нас во градинка.“

Затоа вели Стошевска градинката како општествена институција организирана со стручни кадри, се обидува преку едукативни предавања да им помогне на родителите како треба да се однесуваат со децата за да се создадат поздрави генерации.

Последните години во градинките се позачестена е појава на деца кои имаат проблеми со говорното изразување. Затоа и логопедите и дефектолозите имаат повеќе работа, а за овој проблем логопедот Данијела Бојовиќ вели:

„Тоа е најверојатно понекогаш од социо- културни фактори, а понекогаш и од развојна природа. Домашната атмосфера,особено влијанието на мајката е од големо значење. Има деца со бебешки говор, кога дома се зборува разгалено, па детето на 5-6 години доаѓа и не зборува течно чисто. Децата кога се запоставени говорот не може да се развива,ако има нормален говор детето нормално ќе зборува. “
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG