Достапни линкови

Неделници - Задолжување за заживување или за заглавување


Македонскиот суперчовек - гласачка машина, пишува Фокус. Глобус пишува за патувањето на Груевски во Сицилија и за еврообврзницата, а Република заклучува дека задолжувањето е „за заживување на стопанството‟.

Фокус - македонскиот суперчовек е гласачка машина

За шарената лага за суперчовекот пишува во уводникот на најновиот Фокус, при што веднаш се објаснува дека македонскиот суперчовек е етаблиран во проектот „Преродба‟ во 100 чекори. Замислен е како навидум обична личност, а креиран да биде гласачка машина, вели авторот на уводникот па продолжува со поентата на својот текст:

„Буџетскиот дефицит и јавниот долг растат значително побргу од растот на БДП. Структурата на економијата не произведува доволно за да ги покрие трошоците. Зошто?‟ - прашува Фокус и одговара: „Поради преголемите трошоци во суперчовекот.

Инвестиции што не направија подобра економија, а драматично ја влошија и политичката иднина. Државата почна да се јаде самата себеси. Гризе секој ден по едно парче од својата независност...‟ Со новото задолжување за кое ќе треба за десет години да вратиме над 1 милијарда евра (заедно со каматата) – објаснува уводничарот, странските банки би исцицале 400 милиони евра чист профит. Ама проблемот не е во странските банки, завршува неделникот, туку во идејата за суперчовек – гласачка машина во македонското општество. Еврообврзницата не смее да се реализира вака и сега‟ – заклучува Фокус.

Глобус - политичко зајдисонце на Груевски

Во меѓувреме, дојдоа вести дека Македонија го одложила издавањето на еврообврзницата што ќе требаше да ја плаќаат и нашите внуци, дури и правнуци, како што се изјаснија некои економски аналитичари. А за неа пишува и најновиот он-лајн Глобус, каде што патувањето на Груевски со семејството и со мајка си на Сицилија, како што објави неговата партија, на „свадба‟, го нарекува „Купување на еден ден живот‟: „На своето политичко зајдисонце Груевски реши да замине на Сицилија, со својата „мајка Хуанита“, небаре си ја исполнува својата последна желба да ужива во моќта, криејќи се „како мало зајаче“ од доверителите и политичките загари на судбината. За тоа време, политичките сопартијци се зајмат одново со помош на инструментот еврообврзница за да ги платат сметките; туркајќи нè сите кон грчко изгрејсонце прават нови, екстремни долгови и за наредните неколку генерации Македонци‟ - пишува Глобус.

Република - еврообврзница за заживување

За Република задолжувањето со еврообврзницата е „за заживување на стопанството‟, што како тема го третира на 22-та страница, а во уводникот пак за Заев, тврди, па прашува: „Никој не му верува на аболираниот – Дали Нуланд гарантира за зборот на Заев?‟

Формирањето специјално полициско одделение и специјален судски оддел, неделникот ги нарекува „идиотски барања на Зоран Заев и на Катица Јанева‟, кои таа не ги прифатила, а дали оптимизмот на Нуланд за избори наесен бил реален Република смета дека ќе се видело наскоро, „но сосема е јасно дека појавувањето на Заев пред народот во ноември и во март в година ќе биде вистинска катастрофа за опозицијата‟ - предвидува неделникот. Оттука, смета Република, може слободно да се заклучи дека третиот обид за предвремени избори пред почетокот на зимата можел да успее само ако меѓународниот фактор е искрено заинтересиран да се стави крај на кризата и го убедела Заев дека нема друг избор освен да се соочи со реалноста...

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG