Достапни линкови

logo-print

Задолжување во сто чекори


Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа

Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа

Велат, така нè заглавија што тешко на оние кои ќе дојдат по овие, кои „немаа за леб, но јадеа чоколада“. Но, за ВМРО-ДПМНЕ еврообврзницата е реакција на политичката криза која СДСМ во етапи ја правел за да се спасел од политички пораз на избори.

Бруто надворешниот долг на Македонија се зголемил за над милијарда евра во изминатите две години и тоа најмногу поради задолжување на државата во странство. Податоците на Народната банка на Македонија покажуваат дека надворешниот долг на крајот на март годинава достигнал 6,7 милијарди евра, односно скоро 71 отсто од БДП. Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, уште во февруари годинава, повикувајќи се на статистиката на НБРМ, ни изјави дека бруто надворешниот долг на Република Македонија, во којшто спаѓа долгот на јавниот сектор и долгот на приватниот сектор, изнесува некаде околу 6,4 милијарди евра или меѓу 70 и 75 отсто од БДП и дека според тие индикатори Македонија е во ризична зона.

Што уште ќе ни правите?

И тоа не е сè. Владата има цврста намера да ја задолжи Македонија колку за уште едно „Скопје 2014“, а од 2006 година досега веќе го зголеми надворешниот јавен долг за една милијарда и 700 милиони евра.

Но, тоа е само надворешен долг. Кој колку и кому должи внатре меѓу себе тешко може прецизно да се дознае. Налет нека е. Внатрешниот јавен долг, пак, изнесува 1,452 милијарди евра, според Министерство за финансии.

Што затекнавте?

Во 2006 година, бруто надворешниот долг изнесуваше некаде околу 45 отсто од БДП, а денеска изнесува над 70 проценти. Девизните резерви во 2006 биле 1,4 милијарди евра, а во 2016 тие изнесувале 2.158 милијарди евра. Но, симптоматично е што за последниве два месеца, од крај на март до крај на јуни, тие се намалени за 108 милиони евра. Плус, што за последниве 1,5 години девизните резерви бележат пад од околу 300 милиона евра.

Според економскиот аналитичар Зоран Витанов, тоа е така затоа што владата се однесува како неодговорен родител:

„Замислете, јас како домаќин на моето семејство се задолжувам за да купам на кредит уметничка слика. Ратата ми е поголема од двете плати што ми стигаат во семејството, но јас немам намера јас да го отплаќам долгот и тоа им останува на моите деца. Дали сум јас одговорен родител или не? Така во моментов се однесува Владата на Република Македонија“, изјави неодамна тој.

И чуму евро обврзницата?

Шарените револуционери“ пресметале дека секој граѓанин на Македонија веќе должи по 2.200 евра, а власта сака да нè заглави за уште 330 евра, во очајнички обид да продолжи да владее.

Со реакции се јавија опозициските партии, како и невладини организации кои ги следат економските текови. Бараат повлекување на одлуката за издавање еврообврзница наведувајќи дека тоа е огромно задолжување кое ќе падне врз грбот на идните генерации.

Како и да е, „Задолжувања - малку по малку и на крај многу“, ама не за нив и нивните деца, туку за нас и за нашите деца.

Се вели дека контролата врз долгот предизвикува конфликти и на крај сите се робови на долгот. Со други зборови - Оној кој владее со долгот владее со сè.

П.С.

Владините „успеси“ за привлекување странски капитал, инвестиции кои доведоа до, според некои аналитичари, намалување на невработеноста, а според други, до бегство на над половина милион македонски граѓани од Македонија се дел од оваа, но ,сепак, друга приказна.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG