Достапни линкови

logo-print

Многу граѓански прашања за владините задолжувања


Скапо ќе чини позајменото, а товорот ќе падне на грбот на граѓаните. На дел од граѓаните им пречи нетранспарентноста на владата која не кажува зошто ќе се трошат позајмените пари.

Владата нè лажеше дека има доволно пари за сите. Во нејзината програма не наведе дека ќе позајмува пари, а таа тоа го први сè почесто. Ова се дел од коментарите на граѓаните кои не гледаат блaгонаклонето на таквите чекори на Владата, оценувајќи дека економската ситуација во Македонија е тешка. Исто така прашањето што си го поставуваат многумина е - Дали Владата се задолжува да ги крпи старите минуси и влегува со тоа во нови? Прогнозите на многу луѓе одат во правец на тоа дека Владата скапо ќе го враќа позајменото и дека тоа ќе го плаќа народот.

„Владата е направена за спроведување на изборите, не е Владата направена за ново задолжување. Не верувам дека оваа Влада што е сега има во програмата напишано дека сака да ја дозадолжи Македонија, да ја упропасти. Штом не влегло во програмата, значи дека не е во ред, има некаков проблем со познавање на законот или со почитување на законот.“

„Многу е лошо, се задолжуваме, а нема програма зошто. Треба да знаеме, нели? Ако има дупка во буџетот нека ја кажат дека е дупка во буџетот, ако е за развој нека кажат дека е за развој. Многу се молчи.“

„Секое задолжување треба да се отплаќа. Тоа значи секое задолжување ќе падне на наш грб. Деталите не ги знаеме бидејќи не сме запознаени со ниеден детал на работата на нашата Влада.“

Во тензичната атмосфера која настана по новото задолжување на Владата преку еврообврзница до 650 милиони евра, дел од граѓаните велат дека Владата треба двапати да размисли пред да ги игнорира и предупредувањата на опозицијата дека задолжувањето е незаконско, но има и такви кои не гледаат ништо лошо во владините постапки.

„Секоја Влада прави задолжувања. Да не мислите само нашата Влада. Не е точно. Сите земји, цела Европа и цел свет имаат задолжувања. И тие нормални работи се.“

Деновиве новото задолжување на Владата преку еврообврзница до 650 милиони евра беше главна тема во јавноста. Задолжувањето кое може да достигне 650 милиони евра преку издавање нова, петта по ред, еврообврзница стана предмет и на политички препукувања. Опозицијата критикуваше дека не постои законска основа за издавање на еврообврзница, но Министерството за финансии реагираше дека еврообврзницата се издава согласно законската регулатива и цитираше членови од Законот за јавен долг и Законот за Влада.

Експертите беа поделени. Дел од нив предупредија дека вакво големо задолжување во период на функционирање на техничка влада која треба да има широко разбирање за проблемите, без никаква дискусија со бизнис заедницата и пошироко е неприфатливо. Некои од економистите оценија дека преку еврообрзницата ќе влезе свеж капитал во земјава.

Новата еврообврзница беше причина и за последниот протест на Шарената револуција. Инаку, според досегашните податоци, кон крајот на март годинава, бруто надворешниот долг на Македонија достигнал 6,7 милијарди евра.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG