Достапни линкови

Клековски - Треба да пораснеме и да се договараме


На повеќето во Брисел, Вашингтон и Берлин им е преку глава од нашата неспособност за водење политички дијалог и договарање. Конечно треба да пораснеме, вели аналитичарот Сашо Клековски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Клековски, Македонија веќе 20 години постојано очекува да дојде некој странец од надвор и да ѝ ги реши проблемите. Очекувањата се свртени кон германскиот посредник Јоханес Хајнд, се очекува и доаѓањето на американската дипломатка Викторија Нуланд. Зошто со децении чекаме да дојде некој од надвор и да ни ги реши проблемите?

Мислам дека е поради фундаменталната слабост на нашиот капацитет за политички дијалог. Ние живееме во една политичка сцена која е доминантно маскулина, мачо, каде што постои модел на победник и губитник, каде што не постои модел победник-победник, на договарање, разговарање и во една таква ситуација странските чинители се неопходни за да го компензираат тој јаз што се јавува во политичкиот дијалог меѓу двете, три или колку и да се страни. Дополнително, во ретки ситуации тоа било поради недостаток на домашна експертиза, бидејќи за дел од решенијата што се потребни сепак е потребно едно пошироко искуство, дали европско, дали меѓународно, меѓутоа клучниот модел е нашиот дефицит во политичкиот дијалог. Ние немаме политичка култура на договарање.

Но, лидерите се сменија. Во 2001 година имавме едни лидери на партиите, сега имаме други, а навиката остана.

Затоа зборувам за култура. Тоа е нешто што го наследувате од претходната генерација, го живеете и го предавате на наредната генерација. Културата не е една краткорочна состојба. Тоа е долгорочна состојба, тоа е нешто што сме го наследиле од минатите генерации и за жал очигледно се предава на следните генерации.

Дали на доаѓањето на Нуланд, според вас, треба да се гледа како на тоа дека преговорите влегуваат во завршна фаза или, пак, како на засилување на меѓународниот притисок за решавање на проблемите?

Прво, јас немам превисоки очекувања од фокусот на меѓународната заедница. На пример, госпоѓа Нуланд е во регионална посета. Значи, таа не е фокусирана на Македонија, туку е повеќе надзорна посета на повеќе држави од регионот кои се нејзино подрачје на покривање. Да бевме во клучна фаза на разговорите претпоставувам дека ќе имаше фокусиран пристап само на Македонија. Тоа е едната страна. Втората страна е дека ние треба да пораснеме. Јас мислам дека на повеќето во Брисел, Вашингтон и Берлин им е преку глава од нашата неспособност за водење политички дијалог и договарање.

Целото интервју со аналитичарот Сашо Клековски може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG