Достапни линкови

Се стеснува просторот за минирање на Договорот од Пржино


Германскиот пратеник Јоханес Хајндл и американската дипломатка Викторија Нуланд го стеснуваат просторот за минирање на Договорот од Пржино, велат дел од аналитичарите. Други, пак, алудирајќи на македонските политичари велат дека од исто брашно не може да се направи различен леб.

Втор ден откако во Скопје престојува германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл, не стивнуваат очекувањата во јавноста за можни поместувања кои би воделе кон излез на политичката криза. За дел од политичките аналитичари, денешната средба на партиските работни групи може да се толкува како извесен напредок кој произлегува од вчерашните средби на Хајндл со политичките претставници.

„Конечно време е да се договорат неколкуте работи коишто останаа недоговорени. Пред сè најверојатно формирањето на одделението во Кривичниот суд за гонење на делата од СЈО и изборниот законик, односно начинот на којшто ќе бидат регистрирани избирачите за коишто опозицијата смета дека не треба да бидат дел од избирачкиот список и регулацијата на медиумите“, вели професорот Никола Дујовски.

За сето тоа е потребно многу време, вели Дујовски, но, според него, просторот за ВМРО-ДПМНЕ е толку стеснет што нема да има повеќе време за одложување и измислување на нови креативни решенија за минирање на Пржинскиот договор.

„Од друга страна опозицијата веројатно потпомогната сега и со партиите на Албанците ќе добие многу повеќе поддршка за да успее да предложи соодветни решенија за надминување на кризата“, изјави Дујовски.

За разлика од ваквите оптимистички прогнози за можни решенија за излез од кризата во периодот помеѓу посетата на Хајндл и претстојната на Нуланд, политичкиот аналитичар Арсим Синани е убеден дека во скоро време нема да има политичка разврска на кризата. Изјавата на лидерот на ДПА, Мендух Тачи дека решенијата за излез од кризата и приближниот датум за избори ќе се знае по средбите на Хајндл и Нуланд со политичките претставници, за Синани не значи ништо.

„Мислам дека Американците ќе прават притисок но тој ќе биде поголем откако ќе добиеме нов претседател на Соединетите Држави. Партиите цело време преговараат, но од ова брашно ќе се направи истиот леб. Не очекувам дека нешто ново ќе се случи“, вели Синани.

Според него, средбите меѓу партиите ќе продолжат сè додека не се утврди датумот за избори. До тогаш очекува тактизирање и купување на време од политичките субјекти, протоколарни изјави пред камери, но не и конкретни решенија.

„Оваа гарнитура на овие политичари е консумирана. Овие само сакаат да ги чуваат своите позиции и да владеат вака како што владеат“, изјави Синани.

Од Стејт департментот вчера најавија дека Нуланд во Скопје ќе дојде од Тирана и дека ќе се сретне со политичките лидери и со претставници на граѓанското општество за да разговара за билатерални и регионални прашања „вклучувајќи ја и потребата да се реши постоечката политичка криза, да се поддржи работата на СЈО и да се создадат услови за кредибилни избори“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG