Достапни линкови

За власта напредок во преговорите, за опозицијата нема


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Партиите со различни ставови за исходот од денешната средба на потписниците на Договорот од Пржино. Од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ изјавија дека е постигнат благ напредок, но според СДСМ нема прогрес во преговарачкиот процес.

Од СДСМ не кријат дека не е постигнат напредок на средбата во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино меѓу четирите најголеми политички партии, потписници на Договорот од минатата година за решавање на политичката криза. Во нивното соопштение се истакнува дека владејачката коалиција не дозволува прочистување на избирачкиот список и вистински реформи во медиумите. Од СДСМ оценија дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во континуитет бегаат од фер и демократски избори.

Работните групи на четирите партии се вратија на преговори во резиденцијата на ЕУ во Пржино во обид да се надминат несогласувањата што го попречуваат решавањето на политичката криза по подолга пауза.

Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека за нив не е спорно да се прифати барањето на СДСМ да се обележат 170-те илјади гласачи со ѕвездичка како лица што се од дијаспората и дека исто така не е проблем и инсистирањето за бришење на гласачи од избирачкиот список. СДСМ бараат 40-те илјади спорни гласачи да се избришат, но албанските партии се против. Тодоров оцени дека овие барања на СДСМ се непотребни, но оти ќе ги прифатат за да покажат дека опозицијата измислува нереални проблеми. ВМРО-ДПМНЕ се залага ниту еден медиум, ниту новинар да не биде казнет за искажано мислење, ниту да биде предмет на цензура, рече Тодоров.

„Формирањето на едно централно цензорско тело за нас е неприфатливо. Исто така бараме намалување на казните за медиуми и сведување на казните на едно евро“, рече тој.

Претставникот на ДУИ, Артан Груби, е оптимист дека ставовите на партиите може да се доближат во наредните денови и да се постигне договор. Тој кажа дека било разговарано за избирачкиот список и за работата на медиумите во предизборниот и изборниот период. Груби најави дека вакви средби ќе се одржуваат и во наредните денови.

„Се надевам дека со конструктивен пристап ќе се изнајде решение во следните денови. За нас е многу битно како партија да не се бришат гласачи кои имаат право на глас само заради политички поени кои сака да ги постигне една политичка партија“, рече тој.

На средбата, освен Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Рената Дескоска од СДСМ и Артан Груби од ДУИ присуствуваа и Имер Алиу од ДПА, како и амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли.

Разговорите се одржуваат во време кога германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл е во земјава, а по неговата посета во Македонија пристигнува и американскиот претставник Викторија Нуланд на 11 јули. Хајндл изјави дека решение за кризата мора да има пред летните одмори, иако тој оцени дека тоа е малку веројатно ако се гледаат позициите на партиите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG