Достапни линкови

Со Брегзит, Македонија губи поддржувач во ЕУ


Со излегувањето на Велика Британија од ЕУ, Македонија губи силен поддржувач на проширувањето на Унијата, од евроинтеграциите остануваат примарна цел.

ЕУ останува без значајна земја-членка по резултатите од референдумот во Велика Британија, а Македонија веќе 11 години чека да добие датум за преговори и да стане дел од европското семејство. Од 2005 година, кога го доби кандидатскиот статус, па во 2009 препорака за почеток на преговорите, се редат извештаите за постигнатиот напредок на земјата, но Македонија е во статус кво ситуација.

Чекањето си го направи своето, па затоа на социјалните мрежи може да се забележат најразлични коментари, а поддршката за членство на Македонија опаѓа и во анкетите. Официјалниот став на власта е остварување на стратегиска цел, членство во ЕУ и НАТО. Од Министерството за надворешни работи соопштуваат дека за Македонија е загуба на еден поддржувач на процесот на проширување.

„Очигледно треба да се чујат и забелешките на тие кои ценат дека постои демократски дефицит во носење на некои политички одлуки за Европа. Во Македонија треба да продолжиме да го правиме тоа што нам ни е во интерес и нам ни одговара: да бидеме конкурентни и вклучени во рамки на најбогатиот заеднички пазар во светот и со тоа да создаваме подобри можности за работа и стандард на македонските граѓани во Македонија“, ни одговорија од МНР.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски вели дека се работи за одлука единствено на британските гласачи и даночни обврзници, која треба да се почитува и да им се посака среќа и успех на патот кој го одбрале. Според владејачката партија, за ЕУ секако е загуба на значајна земја членка, а за Балканот и Македонија, на земја кога го поддржувала процесот на проширување.

Од друга страна, на социјалните мрежи може да се забележат поинакви ставови на припадниците и поддржувачите на владејачката партија.

Од СДСМ истакнуваат дека ја делат загриженоста на сите земји членки на Унијата, особено што Македонија загубила силен поддржувач на проширувањето.

„Социјалдемократскиот сојуз, како и огромното мнозинство граѓани во земјава, е убеден дека европските вредности и интегративните процеси што градат мостови меѓу граѓаните, народите и нациите се клучни за подобра и сигурна иднината на Македонија. Патот по којшто треба да се движи земјава е патот кон полноправно членство во Унијата. Местото на Македонија е во Европската унија“, соопштија од СДСМ.

Рафиз Алити од ДУИ вели дека неговата партија останува на истиот курс.

„Мислиме дека друг пат за Македонија нема, па и за ДУИ, освен интеграција на Македонија во ЕУ. Тоа е наш стратешки интерес“, нагласува Алити.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески смета дека денеска е тажен ден за Европа и со излегувањето на Британија ќе се наруши балансот меѓу големите земји во Унијата. Според него, тоа нема да се одрази добро ни врз Балканот, затоа што Британците беа за проширувањето за разлика од Германија и Франција кои инсистираат на продлабочување на односите внатре во Унијата, па потоа прифаќање на нови членки.

„Се плашам дека во нашата политика ова може погрешно да се разбере како ете добро е што не сме во ЕУ. Но, токму спротивно. Ова што сега се случи покажува дека е важно брзо и на време човек да е во тие интеграции за да искористи од она што е во предност во безбедносна и економска смисла и да биде таму додека се менуваат работите. Ние за жал остануваме надвор и ќе следиме каков ќе биде идниот развој на настаните. Ќе ѕиркаме повторно низ прозорецот и ќе видиме какви одлуки ќе се носат таму каде што одамна требаше да бидеме, ама ние не сме“, смета Малески.

Според него, добрата вест е што има двегодишен период на транзиција за Британија и можеби до тогаш ќе се смени мислењето во земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG