Достапни линкови

ЕУ мора да се менува без оглед на Брегзит


Ден пред референдумот во Британија за излегување или останување на таа земја во ЕУ, зачестија оценките на странските политичари за иднината на Унијата. Една од најалармантните дојде од претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кој изјави дека излегувањето ќе биде „чин на самоуништување за британците“.

Вртење на грбот на соседите и враќање кон изолација се косат со сето она што Европа и Британија претставуваат, рече Јункер за време на вчерашната посета на Атина.

Тој додаде дека Унијата вложила многу за зачувување на мирот, слободата и просперитетот, создавајќи модел на кој му завидува целиот свет.

„Тој модел е невозможен без Британија“, оцени Јункер, додавајќи:

„Напуштањето на Европската унија сето тоа ќе го доведе во опасност. Тоа ќе го намали и она што можеме да го постигнеме во иднина“, рече Јункер.

Во меѓувреме, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека Европската унија мора да се менува без оглед на тоа дали британците ќе гласаат за останување или заминување.

Вофганг Шојбле, министер за финансии на Германија

Вофганг Шојбле, министер за финансии на Германија

„Европа не е во добра форма“, рече тој на една економска конференција во Берлин, изразувајќи надеж дека Британија ќе се изјасни да остане во Унијата.

Сепак, како што рече, „без оглед на резултатот од референдумот нема да бидеме во можност да работиме како досега. Во спротивност луѓето ќе речат дека ние не сме ги разбрале“.

Тој оцени дека Британија е важен пазар за Германија и оти нејзиното излегување ќе и нанесе штета на германската економија.

Јерен Дијселблем, кој е претседател на еврозоната, смета дека Европската унија треба приоритет да му даде на ставањето ред во сопствениот дом во смисла на подлабока интеграција.

„Ајде да не правиме натамошно проширување на европската куќа додека таа е толку нестабилна. Ајде да го поправиме она што го имаме“, рече Дијселблем во Берлин.

Според него, важно за Унијата е да ги зајакне проектите што веќе ги има започнато со цел да се обезбеди просперитет и безбедност.

„Тоа не значи дека ни треба целосна политичка унија, туку да го зацврстиме тоа што го имаме“, изјави Дијселблем.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја нагласи важноста на француско германското партнерство.

„Ние сме двете најнаселени и најмоќни земји во Европа. Германија не може сама да управува во Европа. Франција не може сама да управува во Европа. Не постои друга алтернатива“, изјави Саркози.

Дејвид Камерон, премиер на Британија

Дејвид Камерон, премиер на Британија

Претходно, британскиот премиер Дејвид Камерон уште еднаш апелира до гласачите да го поддржат останувањето на земјата во Унијата.

„На избирачкото место ќе бидете само вие. Само вие ќе донесете одлука која ќе влијае врз вашата иднина, врз иднината на вашите деца и вашите внуци“, изјави Камерон пред Даунинг стрит број 10.

Во меѓувреме, активистите за заминување на Британија ја фокусираа нивната кампања врз она што го сметаат за неконтролирана имиграција во земјата.

Според посматрачите, клучен елемент за резултатот од референдумот ќе биде одѕивот на гласачите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG