Достапни линкови

ЕУ пред закана од дезинтеграција


Британија пред референдумот за излез од ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Британија пред референдумот за излез од ЕУ

Во Британија продолжи кампањата „за“ и против излегувањето на земјата од Европската унија, што беше прекината по убиството на проевропската пратеничка Џо Кокс. Нејзината смрт фрли сенка на референдумот, но не е јасно дали ќе има некакво влијание врз резултатот од изјаснувањето на 23 јуни.

Европската унија мора да го спречи процесот на дезинтеграција доколку Британците гласаат да заминат од Унијата на референдумот на 23 овој месец. Оваа изјава на шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер денеска ја пренесуваат повеќе германски весници.

Според него, британското излегување од ЕУ, таканаречениот Брегзит, сериозно ќе му наштети на европскиот проект и затоа преостанатите земји членки ќе треба да сторат се што можат за да спречат пресврт на процесот на интеграцијата.

„Доколку Британците решат да се повлечат од Унијата, тогаш не може да работите како и обично со 28 минус еден во наредниот ден“, изјави Штајнмаер, додавајќи:

„Ние во Европа имаме заедничката одговорност да обезбедиме дека нема да подпаднеме на национализмот на една земја.“

Коментарот на Штајнмаер дојде откако министерот за финансии Волфганг Шојбле страсно се изјасни за посилна, унифицирана Европска унија, предупредувајќи дека ниту една земја во Европа не ќе биде во можност сама да се справи со предизвиците на 21-от век.

Во неделата во Британија продолжи кампањата за референдумот по тридневната пауза поради убиството на Џo Кокс, пратеничка на Лабуристичката партија и жестока поборничка на проевропската линија, од човек кој кога во саботата се појави на суд порача „смрт за предавниците, слобода за Британија“.

Неколку денови пред клучното изјаснување, претставници на ривалските страни се вратија со серија интервјуа и статии во весниците.

Британскиот премиер Дејвид Камерон предупреди дека заговорниците за излез на Британија сакаат да ја вратат земјата назад и да го поделат британското општество, наместо да го обединат. Според Камерон, станува збор за неповратен процес.

„Откако ќе скокнете од авионот, не можете пак да се вратите назад“, рече тој.

Поранешниот градоначалник на Лондон и поборник за излегување од Унијата, Борис Џонсон, пак, изјави дека референдумот бил животна шанса за Британците да го сменат животот на подобро.

Три анкети на јавното мислење пред гласањето покажаа дека полека расте расположението кај британците за останување во Европската унија.

Сепак, генералната слика е дека електоратот и натаму е подеднакво поделен.

И двете страни настојуваат да бидат со поумерен стил во почит на убиeната Кокс, но и натаму се држат до миграцијата и економијата, двете прашања што ја дефираа и досегашната кампања.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG