Достапни линкови

Лекарите на отстрел


По обидот за убиство врз хирург на скопските клиники, лекарите се жалат дека три водечки институции во здравството не преземале ништо да ги подобрат мерките за нивна безбедност.

Денешниот обид за убиство, кога пациент пукаше во хирург, го прелеа насобраниот револтот на белите мантили кои судејќи по првите реакции нема да вршат операции. Нивната загриженост кулминира, бидејќи првите три водечки институции во здравството не преземале ништо да ги подобрат мерките на безбедност, рекоа дел од докторите кои се собраа да го изразат незадоволството пред зградата на Ургентниот центар.

Сметаме дека ова е последица на неуспешните политики кои се водат во здравството и дека политиката постојано се обидува да ја префрли вината врз докторите, а во основа се работи за лоши системски решенија кои се провлекуваат години наназад и доведуваат до ова и до тоа што беше во Гевгелија итн.

Лекарите бараат оставки и одговорност од министерот за здравство, директорот на Фондот и претседателот на Лекарската комора и укажуваат дека овие клучни ресори не треба да бидат управувани од партиски послушници, туку да се постават професионалци. Непосредно по нападот на нивниот колега, лекарите во амфитеатарот на Хируршките клиники, зад затворени врати, разговараа да заземат став, но малкумина сакаа да зборуваат бидејќи чекаат надлежните да кажат што ќе преземат. Тие сметаат дека е потребно носење по итна постапка на закон за заштита на докторите и медицинскиот персонал. Меѓутоа, тие истакнуваат дека е логично да се бара одговорност од првите луѓе за последниот инцидент, бидејќи сметаат дека политиката секогаш се обидува да ја префрли вината врз докторите, но дека во суштина се прикриваат сопствените погрешни чекори.

„Сметаме дека ова е последица на неуспешните политики кои се водат во здравството и дека политиката постојано се обидува да ја префрли вината врз докторите, а во основа се работи за лоши системски решенија кои се провлекуваат години наназад и доведуваат до ова и до тоа што беше во Гевгелија итн.“, изјави д-р Горѓи Дерибан од Клиничкиот центар.

На клиниките нема речиси никакво обезбедување, а нападите врз докторите во последните години зачестија, изјави доктор Викторија Чаловска од Клиниката за гастроентерохепатологија.

„Овој собир беше спонтан, зашто сите ние чувствуваме потреба да го изразиме револтот. Револтот е преголем. Тоа што се случува не е нормално. Да се пука во доктор затоа што оперирал, тоа значи дека ние под дамоклов меч треба да работиме. Каков квалитет ќе има таа работа“, рече таа.

Кој пука во лекар, пука врз самиот себе, рече доктор Викторија Вујовиќ од Клиниката за психијатрија.

„Кој кренал рака врз доктор, кренал рака врз целиот свет. Тука треба за сторителот на делото висока казна“, рече таа.

Љубомир Огненовиќ, лекарот од Абдоменална хирургија, врз кој беше пукано утринава, е во стабилна состојба, откако врз него беше извршен оперативен зафат. Тој се здобил со три огнострелни повреди во ногата. Хирургот Огненовиќ, кој оперирал пациентка, која според лекарите била во терминална фаза од карцином, излегол од операционата сала за да му соопшти на синот дека мајка му починала. Синот во тој момент извадил пиштол и почнал да пука. Веднаш била повикана полиција, по што тројцата напаѓачи се уапсени.

Додека лекарите бараат одговорност од Тодоров, од Министерството за здравство рекоа дека најостро го осудуваат инцидентот и дека никој нема право револтот да го изразува со насилство. Во реакцијата со која се огласи министерството се наведува дека оваа институција ќе остане доследна во барањето на целосно расветлување на случајот од надлежните институции и соодветно санкционирање согласно Закон.

„Чувствувам морална одговорност за секој настан што се случува во здравството и сè она што ќе се случи, нормално е да ме тангира. Не знам дали некој во светот може да спречи некој кој е со ваков морален код да го направи тоа што го направи“, вели министерот Тодоров.

Како и да е, експертите подолго време предупредуваат дека белите мантили се незадоволни поради условите за работа и начинот на кој се спроведуваат реформите. Ниските плати, системот на казнување како и другите системски проблеми во здравството, придонесоа голем број специјалисти да го напуштат јавното здравство и да заминат во странство.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG