Достапни линкови

Пендаровски - Кризата нема да се решава по насилен пат


По сите проценки, не само мои, се наоѓаме во последната фаза на расплетот на политичката криза, вели Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ на претходните избори, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Пендаровски, постојано сте на протестите на Шарената револуција, активен сте и со години на страната на опозицијата. Какви се вашите прогнози? До кога Македонија може да издржи во ситуација во која официјално од партиите велат дека нема преговори за надминување на кризата, а протестите се сериозни и секојдневни на улиците?

Ако Македонија можеше да издржи десет години мека диктатура, нема причина да не издржи уште некој месец за да дојдеме конечно до слободата. Јас знам дека ова е голема казна во однос на економскиот систем на државата, во однос на тоа што граѓаните очекуваат во еден нормален амбиент кога би се правел бизнисот, меѓутоа ние сме со години, за жал, во една вонредна состојба предизвикана од оваа влада која е генератор на сите проблеми во Македонија во изминатава декада. И не гледам дека тие можат поинаку да се однесуваат, и во вонредни околности, за жал, граѓаните ќе трпат. Јас би апелирал до сите, знам дека е тешко и знам дека многумина од нив размислуваат, ако продолжи оваа агонија, да се иселат од Македонија, наместо да чекаат некоја позитивна политичка промена, меѓутоа јас би апелирал до сите нив да причекаат, бидејќи по сите проценки, не само мои, се наоѓаме во последната фаза на расплетот на политичката криза.

Како би изгледал расплетот на политичката криза?

Опозицијата, каде што сум активен, се реши на институционално разрешување на кризата, не се реши на насилно влегување во институции и така протерување на оваа власт, од власта која ја држи нелегитимно со години, и без бомбите и со бомбите дополнително. Бидејќи се решивме сите ние што сме на страната на опозицијата на таков тип на ангажман, претпоставувам дека може и да има некаков нов тип на Пржино, Пржино 1, 2 , 3, 4, како сакате именувајте го, повторно низ политички договор ќе се оди кон создавање услови за избори, за демократски и фер избори. Не гледам друг начин дека кој било заговара, а притоа да има мнозинство на страната на опозицијата да се влегува насилно и да се оди на насилно освојување на власта, бидејќи и така да одите, утре, задутре пак мора да имате избори. Значи невозможно е туку така да дојдете на насилен пат во институциите, да влезете во Парламент и во Влада и да кажете ние сме власт, без граѓаните да кажат што мислат за вас. Значи, избори мора да има. Опозицијата од лани досега се реши на ваков начин на надминување на кризата, знам дека многумина го оспоруваат тој начин, дека е бавен и најчесто неефикасен, меѓутоа е најсигурен од аспект на не дај боже жртви, не дај боже поголеми хаварии во целото општество.

Неколкупати неофицијално претставници на ЕУ најавија дека се можни санкции кон Македонија доколку се поткопаат демократските вредности што западниот свет ги бара од нас. Реално ли се остварливи тие?

Моја проценка во овој момент е дека тоа е многу далеку, од можеби некое почетно, иницијално муабетење на некое пониско, административно ниво, веројатно во Брисел, што не значи дека ако се усложни ситуацијата нема да се оди можеби на индивидуални санкции од најголемите земји членки кои би вовеле такви санкции кон Македонија. Моја проценка е дека во битните центри на ЕУ, посебно во Берлин, се на мислење дека режимот во Македонија може да биде натеран да постапува барем малку подемократски од ова што досега го правеше и дека нема да има потреба од санкции, дури и од единечни, не само од колективни. Во овој момент, нивната проценка е дека силата на режимот е значајно ослабена, особено во финансиската сфера, дека неговата сила е ослабена, колку и да звучи нереално и во пропагандната сфера, значи тоа не е оној монолитен блок до пред само две-три години кој ни се чинеше непробивен. Нивната проценка, колку што јас знам е дека тој блок не може уште долго да издржува, да ја држи цела држава во заложништво, практично два милиони луѓе киднапирани, од кои никој не може ништо да направи. Шарената револуција покажа дека тој блок е сè, само не монолитен и непробоен.

Целото интервју со Стево Пендаровски може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG