Достапни линкови

logo-print

Поделбите ја достигнуваат точката на вриење


На сите политички фактори им е јасно дека поделбите ја достигнуваат точката на вриење. Аналитичарите предупредуваат дека ако ситуацијата не се смири, се доведува во опасност опстанокот на земјата. Веќе не се бара смена на функционери или промена на власта, туку се бара затвор.

Се чини дека поделбите меѓу македонските граѓани никогаш не биле подлабоки. Едните станаа соросоиди, другите режимоиди, едните странски платеници, другите сендвич-патриоти, едните потенцираат дека ја сакаат Македонија и ги обвинуваат другите дека се платеници на странски служби кои работат за разнебитување на земјата. Другите ја обвинуваат власта и нејзините поддржувачи дека од нивната „љубов“ Македонија се претворила во „жртва на семејно насилство“, дека спомениците им значат повеќе од живите луѓе кои умираат чекајќи лекување и дека ги злоупотребуваат сиромашните граѓани, принудувајќи ги да им ги бранат криминалите. Веќе не се бара смена на функционери или промена на власт, туку се бара затвор.

Веќе во семејствата се создаде нетрпеливост, кавги. Видете го јавниот простор колку е отруен од омраза, колку во општеството се случува нешто што досега сме го немале, толку негативна енергија, толку деструкција. Сето ова мора еден ден да заврши.

Политичките партии од власта, со помош на медиумите под нивна контрола, со години ги етикетираат сите критички гласови во земјата, прогласувајќи ги за предавници, криминалци, платеници... Сепак, после десет години, анти-владиното движење доби замав, прво со таканаречените „бомби“ што ги објави опозицискиот СДСМ, а во изминативе два месеци со аболициите за 56 луѓе осомничени за криминал поврзан со прислушуваните разговори од претседателот Ѓорге Иванов. Тој рече дека ги помилува политичарите поради национално помирување, затоа што кризата довела до преголеми поделби во општеството.

„Сите бизниси се стопирани, сите инвеститорите се двоумат дали да дојдат, веќе во семејствата се создаде нетрпеливост, кавги. Видете го јавниот простор колку е отруен од омраза, колку во општеството се случува нешто што досега сме го немале, толку негативна енергија, толку деструкција. Сето ова мора еден ден да заврши“, рече Иванов.

Тој дури даде и историски осврт на поделбите.

„Мислам дека треба периодот на освестување и отрезнување да почне, не денес, туку уште вчера. Затоа ја покренав иницијативата, за помирување.Бидејќи успеавме да постигнеме помирување меѓу Македонците и Албанците. Сега имаме проблем меѓу Македонците и Македонците и затоа во моето обраќање кажав, сите што ја знаат историјата знаат што е Мајски манифест и што е 1924 година и како се постигнува обединувањето и помирувањето и како тоа некому не му чинело и како поради тоа почнуваат физичките пресметки, каде што во некои наши соседни градови течеле улици со крв од пресметките меѓу самите Македонци. Ќе го враќаме повторно тоа? Македонец на Македонец рака да крева, да го убива, да го уништува?“, рече Иванов во неодамнешно интервју со уредниците на националните телевизии.

Сепак, неговата постапка придонесе за уште поголеми поделби. По долготрајните протести на Шарената револуција, тој се пишмани и одлучи да ги повлече аболициите за 22 „политички експонирани“ личности, но не и за нивните соработници. Тоа дополнително ги разгневи демонстрантите, кои сметаат дека Иванов му ги „врзува“ рацете на Специјалното јавно обвинителство за да не може да ги гони злоупотребите на власта.

Социологот, професор Ѓорги Тоновски вели дека освен природните, во изминативе 10 години стануваат сè поизразени социјално-политичко-идеолошките поделби.

„Донекаде имаат извор и во социјалната база, односно меѓу населението, меѓутоа исто така имаат извор и во така наречената политика на раздор којашто е потреба на режимот во еден момент да ги подвои луѓето, односно да обезбеди простор за лесно владеење. Тоталитарниот режим има потреба од едни такви поделби, ги потхранува и ги креира таквите поделби“, вели тој.

Тоновски посочува дека дел од реториката за заострување на поделбите е „увезена“, односно веќе видена во други земји.

Професор Ристо Солунчев во неодамнешно интервју на Радио Слободна Европа вели дека власта ги корумпира граѓаните, што резултира со поделби.

„Мислам дека е невозможно власта да го сплотува народот. Јас тргнувам од една моја позиција на философ, ми се чини дека власта во принцип е модалитет на моќ и во самото начело на моќта е да ги разединува луѓето и ако говори за сплотеност, создава квази-сплотеност за да може да ја дистрибуира својата моќ. Значи, вие имате потреба да сплотите 500 илјади луѓе за да можете да ја дистрибуирате моќта, тоа не е сплотеност, тоа е квази-сплотеност и оттаму власта не може да сплоти еден народ, сплотеноста мора да дојде од еден друг сегмент. На власта, апсолутно и одговараат поделбите“, рече тој.

Во извештаите на Народниот правобранител во изминатите неколку години се наведува дека има забележано случаи на дискриминација врз основа на политичка припадност.

На еден од протестите на Шарената револуција, Јасмина Дуриќ, која 14 години работи во АРМ, се пожали дека добила прекоманда во Кичево, како одмазда затоа што учествува на протестите.

„Јас сум дете на самохран родител и 14 години работам чесно и одговорно во Армијата, за да ја прехранам мојата фамилија и да платам сметки. Вие за тие 14 години не најдовте за сходно да ме унапредите според моите квалификации, туку ме прекомандувавте во Кичево, само за да не присуствувам на протести“, рече таа.

Тоновски вели дека поделбите нема да може да се надминат брзо, но оти тоа е неопходно зашто на овој начин Македонија може да остане без народ. Ако го погледнете фактот дека од земјава се иселиле 620 илјади луѓе, тоа значи дека ние ја губиме етничката супстанца, вели тој.

„Умната политика сега мора да го активира прашањето на она што на некого му изгледа како еден памфлет – слобода, демократија, човекови права и слободи, бидејќи националната енергија во услови на тоталитаризам, авторитаризам не доаѓа до израз, таа се гаси како пламенче. Демократските односи, либералните односи, слободарскиот дух го потпалува тоа оганче, односно таа национална енергија, не само што се буди, се зголемува, туку и се распоредува во сите пори на општественото живеење. Тоа е сега централното прашање, можеме ли ние сега да изнајдеме механизми да го надминеме тој синдром на самоуништување, да ги поставиме институциите и нашето размислување и нашите амбиции и нашиот колективен ум и дух во насока на конституирање на такви едно нови односи“, вели Тоновски.

Од друга страна, аналитичарот Алберт Муслиу е поголем оптимист. Тој смета дека поделбите може брзо да се надминат, зашто, како што вели, тие не се длабоко вкоренети.

„Кога помали групи се трудат тие поделби да ги користат за свој бенефит, се разбира дека тие се појавуваат, земајќи ја предвид и моќта што ја имаат тие во своите раце. Во моментот кога таа моќ ќе се намали, мислам дека тие тензии ќе почнат да се намалуваат, затоа што некои фундаментални вредности кај обичниот граѓанин се присутни, тоа е дека крадењето, корупцијата се лоши, дека институциите треба да работат во интерес на државата, а не на индивидуите или на партиите, така што тие вредности не се сменети, сменет е начинот на кој тие институции се претставуваат од различните страни и тоа ги зголемува тие тензии“, вели Муслиу.

Претставници на провладиното ГДОМ во неколку наврати повикуваат да се забранат политички партии и невладини организации кои работат против државата. Претставниците на Шарената револуција потоа одбија да разговараат со ГДОМ под посредство на ЕУ, велејќи дека нема што да се разговара со некој што сака да не постоиш.

Поделени општества, закана за демократијата

Острите поделби, не се само македонска карактеристика во последните години. Во западниот свет се чини дека се зголемуваат симпатиите спрема десничарските моќници. Тоа во ова време кога претстојат референдумот за излегување или за останување на Британија во Европската унија и претседателските избори во Соединетите Држави само ги продлабочува поделбите во нивните општества. Некои сметаат дека претседателските избори во Австрија покажаа колку овие поделби се веќе длабоки.

Гоце Атанасов

Новиот австриски претседател Александар Ван дер Белен во првиот говор откако беше избран во тесната трка со крајниот десничарски ривал Норберт Хофер вети дека ќе работи на обединување на длабоко поделената земја.

„Многу луѓе во ова земја очигледно чувствуваат дека не се видени и слушнати доволно. Ни треба различна култура на дијалог и политички систем кој ќе го решава стравот и гневот кај луѓето. Јас исто така ќе работам да ја добијам довербата и на гласачите на Норберт Хофер“, изјави професорот по економија кој во претседателската трка во која доби 50,3 проценти од гласовите ја имаше поддршката на „зелените“.

Неговиот противник Хофнер, антиимигарцискиот популист на Партијата на слободата која има експлицитни корени во нацистичкото минато, доби 49,7 проценти. Тоа значи дека скоро два милиона луѓе застанале зад него што го натера Ван дер Белен да вети обединување на поларизираната нација по тешката изборна кампања.

„Сакам да бидам непартиски претседател за сите луѓе во Австрија. Многу се зборуваше за поделби во оваа земја. Но, мислам дека тоа може да протолкува и како знак дека ние сме две страни на иста монета и секоја страна е исто толку важна како и другата. Заедно ја сочинуваме Австрија“, изјави тој, апелирајќи до медиумите да престанат да ја драматизираат приказната за поларизацијата во Австрија.

Ван дер Белен на 8 јули ќе го замени досегашниот претседател социјалдемократот Хајнц Фишер.

„Најголема должност на новиот претседател е да ги премости поделбите“, изјави Фишер, кој на таа функција отслужи два мандата.

Победата на Ван дер Белен покажа и дека двете партии кои досега се менуваа на власт во Австрија умерената десничарска Народната партија и социјалдемократите ја губат довербата меѓу гласачите кои почнаа да се вратат кон краевите на политичкиот спектар.

Нешто слично се случува и во трката за претседателски кандидати за наредните избори во Соединетите Држави. Републиканците се пред одлука да го номинираат популистот Доналд Трамп кој јава на антимигрантски бран, на страв од тероризам и на економски национализам со слоган „Најпрвин Америка“. Токму кампањата на Трамп донесе и некои сцени на насилство и судири, невидени досега на партиските кампањи. Кај Демократската партија пак, самонаречениот социјалистички демократ Берни Сандерс ѝ го измеша орото на Хилари Клинтон, обвинувајќи ја за тоа што иако е предолго во Вашингтон ништо не направила за подобро секојдневие на американските граѓани. Во секој случај се поголемите поделби во самите партии само покажуваат колку е поделено американското општество за многу прашања.

Во Британија пак, токму стравот од мигрантите и од тероризмот, но и сè побирократизираната Европска унија го принудија премиерот Дејвид Камерон да закаже референдум за тоа дали земјата да остане или да излезе од Унијата. Без оглед на исходот од гласањето самата кампања „за“ и „против“ покажа колку се поделени граѓаните во врска со иднината не само на Британија, туку и на целата Европска унија.

Во кој и да било случај едната страна од гласачите во една од најбогатите членки на Унијата ќе се чувствува како поразена што доведува до натамошни поделби во општеството, сметаат експертите. Затоа, како што наведуваат, е неопходно што поскоро да се послушаат зборовите и заложбите на новиот австриски претседател Ван дер Белен дека ќе работи на обединување на длабоко поделената земја и оти различностите треба да се гледаат како придобивка на едно општество, а не причина за поделби.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG