Достапни линкови

Пресудата не ја расчисти до крај „Фабриката за афери“


Захир Беќири Чауш доби 2,5 години затвор, а неговиот брат Имер една година за фалсификување лични карти. Тврдат дека ги мести министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Фабриката за афери доби правна разрешница. Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда со која обвинетиот Захир Беќири, познат во јавноста како Чауш, за кривичните дела фалсификување на документи доби казна затвор од 2 и пол години, додека неговиот брат Имер Беќири доби казна од 1 година затвор. За кривичните дела изработка и набавка на оружје добија ослободителна пресуда.

Ми велеа да признаам дека УСБ-то ми го дале Заев и Верушевски, инаку ќе ми ја затворат целата фамилија, што и навистина се случи. Ми рекоа Господ нека ти е на помош.
Захир Беќири - Чауш, осуден за фалсификување лични карти

Обвинителството на кратка прес-конференција пред неколку месеци соопшти дека при полицискиот претрес во нивниот дом е пронајдена и опрема за изработка на фалсификувани лични карти, како и над 70 илјади снимени прислушувани разговори, кои, според нив, требало да бидат употребени за уценување на бизнис секторот и политичката елита во земјава.

Адвокатот на обвинетите Мирослав Вуиќ вели дека во текот на постапката обвинителството не излезе со никакви детали околу вештачење на прислушуваните разговори кои биле пронајдени кај обвинетите.

„Имавме 4 главни расправи, имаме обвинителен предлог, јас не видов ниту еден таков аудио или некој фајл којшто укажува на такво нешто, каде се тие фајлови и дали постојат воопшто, треба да ни одговори некој друг, не ние“, вели тој.

Во текот на судскиот процес обвинетите се бранеа со тврдењето дека се наместени од министерот за внатрешни работи Митко Чавков и дека доказите, односно запленетите компјутери и надворешна компјутерска меморија во кои имало електронски обрасци за изработка на лични карти ги подметнала полицијата.

„Ми велеа да признаам дека УСБ-то ми го дале Заев и Верушевски, инаку ќе ми ја затворат целата фамилија, што и навистина се случи. Ми рекоа Господ нека ти е на помош“, рече Чауш во судот.

Обвинителството во писмено соопштение ги демантираше таквите наводи.

Додека бил на издржување на казната затвор во „Идризово“, Чауш тврдеше дека добивал закани од високи владини и полициски функционери. Тој тврдеше дека во периодот пред да го притворат, ирански таен агент кој живее во Струмица и е близок со актуелната власт му понудил 1 милион евра за да се сретне со актуелните полициски раководни лица и да постигнат договор.

„Човекот Мајкл Цивик кој ми понуди 1 милион евра за лажно сведочење се појавува и во предметот Шпион. Тој ја шири најопасната секта во исламот шиизмот, но и пере пари во Хонг Конг на Иван Чавков, син на Митко Чавков. На Мајкл не му помогнав да влезе во Ирак и таму да ја шири сектата и затоа сега ова ми се случува“, рече тој.

Случајот, познат во јавноста како Фабрика за афери, стана актуелен во период кога започна со работа анкетната комисија за прислушување и на неполн месец пред најавената оставка на Никола Груевски од премиерската функција. Во јавноста позната како контра-анкетна комисија која требаше да се занимава со овој скандал не заживеа, беше формирана без опозицијата.

Претходно во медиумите со драматично темпо и многу прес-конференциии кои ги држеа преставниците на владејачката партија со ексклузивни информации беше разгорувана аферата како пандан на аферата за прислушување.

„Кај себе таа фабрика чувала над 70 илјади снимки од разговори за коишто допрва треба да се утврди како стигнале до таа фабрика. Кај себе таа фабрика чувала панцири, избирачки список со комплетни податоци, каков што ниту една политичка партија, ниту еден поединец надвор од Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи не смеат да имаат, случајно или не, со матични броеви на граѓани од Општина Центар, случајно или не“, изјави тогаш Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Главните негативни улоги во медиумските извештаи на таканаречените провладини телевизии и портали беа Заев и тогашниот министер за внатрешни кој доаѓа од опозицијата Оливер Спасовски. Но, објавените фотографии од средби на Заев и Спасовски со Чауш и осомничени за фалсификување документи не беа демантирани.

„Дали сум имал контакт, сум имал контакти со многу граѓани на Република Македонија и од оваа позиција и од позицијата која што претходно ја имав и тоа воопшто не е важно“, изјави тогаш Спасовски.

Дополнително, двајцата министри за внатрешни работи излегуваа со различни и честопати спротивставени информации за случајот.

Заев, пак, тврдеше дека е апсурдно опозицијата да фалсификува лични карти за потоа самата да си отвори истрага и да се обвини, посочувајќи дека сето ова е само лоши режиран филм на Груевски. Заедно со неговиот сопартиец Спасовски тврдеа дека фалсификуваните лични карти се со датум на издавање 2009 – кога беа одржани претседателските и локалните избори и 2014 година односно парламентарните избори.

Груевски пак тврдеше дека Заев наместо со програма за иднина се бавел со фабрикување документи за да ја оцени власта.

И по завршување на овој судски процес останаа неодговорени многу прашања поврзани со прислушуваните разговори и фалсификуваните документи како и злоупотребата на личните податоци на граѓаните. Политичка одговорност не сносеше никој, а анкетните комисии и за прислушувањето и за скандалот со фабрикување на документи згасна без да им дадат одговор на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG