Достапни линкови

„Фантомите“ од Караорман во Битола со реални проблеми


Жителите на „Караорман“ во Битола велат дека имаат лични карти, но се водат на старите адреси каде живееле пред да се доселат во дивата населба. Велат немаат пари да извадат нови документи, а и куќите им се дивоградби и немаат бројчиња. И тие бараат овој хаос да се среди.

Во субстандардни услови без асфалт и канализација, опколени со диви депонии живеат жителите од фамозната улица „Караорман“ во Битола каде на два броја 103 и 111 се водат неколку стотици куќи. Ова беше еден од примерите што опозицијата го посочи каде на една адреса има многу гласачи. Никој точно не знае колку битолчани живеат тука, а проценките се движат од 320 до 2.000. Жителите велат дека имаат лични карти, но се водат на старите адреси каде живееле пред да се доселат во дивата населба. Велат немаат пари да извадат нови документи, а и куќите им се дивоградби и немаат бројчиња. И тие бараат овој хаос да се среди.

„Ова цело население се 500 куќи кои се водат на „Караорман 111“. Ова не е возможно. Треба власта да направи адреси и да ни подели по едно бројче. Тоа не е некоја голема работа. Но, мора да биде под број, да има некаква контрола. Од социјални грижи не знаат, дури и куќите ни ги знаат во кои живееме. Но, полиција, пошта, водовод, никој не иде тука. Треба да прашуваат сто души, па да не најдат“, вели Невзат Маликов.

Ова цело население се 500 куќи кои се водат на „Караорман 111“. Ова не е возможно. Треба власта да направи адреси и да ни подели по едно бројче. Тоа не е некоја голема работа. Но, мора да биде под број, да има некаква контрола.
Невзат Маликов од Битола.

Другите жители велат дека адресата не е толку голем проблем како лошите услови во кои живеат.

„Подадов молби до Општина Битола, до градоначалникот ги молам во пресрет да ни излезат ова да се санира што побрзо. Некаде нема канал,а некаде ни вода“, вели Акиф Бајрамовски.

„Нема канализација, асфалт. Имаме мали деца и на школо ги избегнуваат зашто нашите деца се шугосани“, вели Даут Бајрамовски.

„Дојдоа едно време и донесоа канали, но наваму не продолжија. Има многу деца и се разболуваат, ова е чиста болест“, вели Разие Демирова.

Жителите велат дека не се фантоми, односно имаат лични карти, но признаваат дека пред избори имало политички партии кои со пари се обидувале да ги поткупат за да гласаат за нив.

„Проблемот е што нè поткупуваат. Некои ни даваат 500, некои 1.000 денари и некои од нашите соседи се лажат и одат таму. И така остануваме во кал јас овде сум 20 години и калта ја газам“, додава Даут Бајрамовски.

Досега имало неколку најави за дислокација на ромското население од овој дел од градот. Но, тие не сакаат ни да слушнат за тоа. Тука изградиле куќи, изродиле деца и се привикнале да живеат. Дел од нов објектите ги пријавиле за легализација. Останува да се види дали со тоа ќе се среди дел од хаосот па некои од жителите ќе добијат одделни адреси.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG