Достапни линкови

logo-print

Од следната недела во аптеките ќе биде достапно масло од канабис


Следната недела во аптеките во државава без лекарски рецепт треба да биде достапно масло од канабис со низок процент од психотропната супстанца, можност по неодамна усвоените законски измени со кои се дозволи негова примена за медицински цели.

За масло од канабис со повисок процент ТХЦ, односно над 0,02 проценти, дозволено само за лекување рак, ХИВ, епилепсија и мултиплекс склероза, ќе се издава лекарски рецепт, за што од денеска за специјалистите се спроведува едукација.

„По завршување на едукацијата, неопходна поради тоа што лекарите немаат искуство за начинот на примена, маслото ќе биде достапно и во аптеките.

Едукацијата ќе ја вршат еминентни професори од Канада и Шпанија со долгодогодишно искуство во областа“, информира на прес-конференција Марија Дарковска Серафимовска, директорка на Агенцијата за лекови и медицински средства, која со Министерството за здравство се надлежни да обезбедат соодветно производство, контрола, диструбуција и издавање во аптеките на маслото.

Со едукацијата, како што рече, се опфатени сите доктори специјалисти кои согласно Законот имаат право да ги препишуваат овие препарати.

Целта на едукацијата е детално информирање за начинот на пропишување, дозирање и индикаците за кои има оправданост за примена на овие препарати.

„Едукацијата за малигни заболувања ќе трае најмалку месец, дел ќе се изведува во Скопје, дел он-лајн, очекуваме едукатори од Мадрид да дојдат и после тоа. Едукацијата ќе заврши во оној момент кога ќе кажеме дека навистина знаеме да го работиме тоа“, наведе Милан Ристовски, директор на Клиниката за онкологија.

Според Ристовски и Дарковска Серафимовска, маслото од канабис со низок процент психотропна супстанца што ќе биде достапно без рецепт е со аналгетско и антиинфламаторно дејство и ќе може да го користат сите пациенти во државата.

Пол Хорнби, професор од Канада со 20 годишно искуство, вклучен во едукацијата на македонските специјалисти, истакна дека маслото од канабис најмногу помага при третман на хронична болка.

„Имам позитивни искуства и во терапија на мултиплекс склероза и некои типови епилепсија. Се работи за релативно безбеден препарат за кој досега не се пријавени и не се очекуваат несакани ефекти“, наведе Хорнби, истакнувајќи дека своите повреди на нога и на рака сам ги лекува со екстракт на канабис.

Позитивно искуство во третман на хронична болка кај пациенти пренесе и Хозе Карлос Бунса, едукатор од Шпанија. - Препаратите со канабис се даваат да се подобри квалитетот на живот на пациенти кои живеат со болка, посочи Бунса.

Маслото што ќе може да се купи во аптеките е произведено во Македонија од домашна компанија, која доби дозвола за таа намена, а според директорката на Агенцијата за лекови има интерес и од други домашни компании, но и од странски.

„Суровината е пристигната минатата недела и тие оваа недела произведуваат. Очекуваме следната недела да ги има производите бидејќи се прават контроли и на ниво на суровина, и на ниво на екстракти и на ниво на финални готови производи, а и пред да се најдат на пазар исто така се контролира нивниот квалитет и состав. Она што ќе биде во апетеките ќе биде со строго контролиран состав“, рече Дарковска-Серафимовска.

XS
SM
MD
LG