Достапни линкови

Медиумите гледаат со едно око, известуваат со половина уста


Повеќе навреди, помалку објективност. Експертите забележуваат дека има недостиг на плурализам на политички гледишта во медиумите.

Сè помалку објективност, непристрасност и професионалност, а сè повеќе сензационализам, навреди и говор на омраза во медиумите. Ваков е впечатокот на јавноста за работата на македонските медиуми, на кој се надоврзува и заклучокот на истражувањето на Институтот за комуникациски студии насловено како Мониторинг на демократијата во Македонија. Експертите од оваа област посочуваат дека во земјава постои недостиг на плурализам на политички гледишта отсликан во медиумите.

Највлијателните телевизии не ги отсликуваат на балансиран начин различните политички гледишта во нашава земја, особено околу важните теми за кои се дебатираше во јавноста изминатите месеци.
Снежана Трпеска, експерт по медиумско право

„Највлијателните телевизии не ги отсликуваат на балансиран начин различните политички гледишта во нашава земја, особено околу важните теми за кои се дебатираше во јавноста изминатите месеци. Изборите, аболицијата, протестите, Шарената револуција, работата на СЈО итн“, вели Снежана Трпеска, експерт по медиумско право.

Неутралните и критички медиуми се малцинство во медиумскиот простор, посочува Трпеска, додавајќи дека имаме ситуација на масовно кршење на основните и професионални стандарди на известување, впишани во законот и во Етичкиот кодекс на однесување. Причините за оваа состојба, Трпеска ги лоцира во политичкиот и во регулаторниот систем во рамките на кој функционираат медиумите, а кој со низа мерки можел во изминатите години да придонесе да имаме професионални медиуми.

„Политички влијанија имаше и порано. Не се само од 2006 па наваму. Оваа појава не е нова, но во последните десет години е особено засилена и ние сега дојдовме до ситуација да имаме медиуми кои што се гола политичка пропаганда на владејачките структури“, вели Трпеска.

Ваквото мислење го дели и комуникологот Сефер Тахири, според кого лошата состојба во медиумите е резултат на политичките влијанија на политичките центри на моќ.

„Сметам дека медиумите се корумпирани од страна на власта, бидејќи преку владините реклами власта на некој начин го купуваше информативно медиумскиот простор. Од друга страна пазарот е мал и на некој начин им влијае на медиумите да подлегнуваат на клиентелистичките влијанија и како можност да профитираат, наместо да го заштитат јавниот интерес“, вели Тахири.

Јавниот интерес е на последно место, а политичкиот и партискиот на првото, вели Тахири. Во вакви услови, вели тој, не можеме да очекуваме регулација од страна на Агенцијата за медиуми, која со години молчеше за девијациите во медиумскиот простор.

„Сметам дека медиумите, новинарите коишто вистински се залагаат за професионално новинарство треба да се обидат со саморегулација, односно зацврстување на Советот за етика во медиумите, бидејќи самата фела треба да одлучува кој е новинар, а кој не, кој вистински ја извршува својата професија, а кој цело време манипулира“, вели Тахири.

И според Трпеска, санкциите треба да бидат последната мерка која треба да се примени и најмалку може да помогне. Најважно е двете клучни институции, јавниот сервис и регулаторот, да се ослободат од политичките влијанија. Од независната позиција на регулаторот ќе зависи колку ќе бидат независни медиумите“, порачува Трпеска.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG