Достапни линкови

Агенција за медиуми во боја


Агенцијата за медиуми во Скопје вечерва беше обоена од антивладините демонстранти. „Шарената револуција“ продолжува, илјадници граѓани десетта вечер по ред излегоа на улиците на Скопје.

Илјадници луѓе вечерва повторно излегоа на улиците на Скопје, десетта вечер по ред. Демонстрантите од, како што самите ја нарекоа, Шарената револуција, со боја гаѓаа кон зградата на Агенцијата за медиуми, скандирајќи „Ова беше парк“. Тие извикуваат „Оставки“ и „Нема правда, нема мир“. На протестите можеше да се забележи еден транспарент „Не е сè така бело“, алудирајќи на боењето на зградите од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Протестите, како што стана вообичаено, почнаа во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство. Демонстрантите потоа се упатија кон Агенцијата за медиуми во близина на хотелот во Бристол во центарот на Скопје, па пред Делегацијата на ЕУ, за да го завршат протестот пред владата со скандирање „Мафија на робија“, Нема да ви простиме“, „Готово е Никола“ и „Николче диктаторче“.

Проектот Скопје 2014 цела недела е мета на антивладините протести. Тие вчера со боја гаѓаа и кон зградата на Владата, а боја беше истурена и на улицата пред неа. Претходните денови демонстрантите ги „украсија“, Триумфалната порта, споменикот на Александар Македонски и фонтаната под него, Зградите на министерствата за правда и култура и седиштето на Град Скопје.

Протестите започнаа по одлуката за аболиција на политичари од страна претседателот Ѓорге Иванов. Демонстрантите меѓу другото бараат одлуката да се укине, Иванов да си даде оставка од функцијата претседател и да се повлече одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни. Протестите се во организација на движењето „Протестирам“.

Инаку, жителите на околните згради и движењето Паркобрани во 2013 година протестираа против одлуката да им биде уништен паркот за на таа локација да се гради нова барокна зграда на Агенцијата за медиуми. Дел од активистите кампуваа во паркот за да не дозволат сечење на дрвјата. Сепак, на почетокот на август 2013 година, во 3:30 по полноќ, полицијата ги отстрани демонстрантите по што во сред ноќ беа исечени неколкуте стари стебла и почна оградување на местото на кое подоцна беше изградена Агенцијата за медиуми. Во септември истата година, имаше уште едно апсење на демонстранти за да се создадат услови за почеток на градба.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во мај минатата година објави телефонски разговор меѓу, како што рече, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, на кој се слуша дека токму Груевски е самопрогласениот урбанист кој одлучил на тоа место да се гради зграда.

„Машки глас 1: Регулаторни, некои ќе најдеме, да се изгради некоја убава, така барокна зграда.

Машки глас 2: Многу е начичкано таму ептен. М? Сообраќајно решение...

Машки глас 1: Знам дека е начичкано, ама со грди згради е начичкано, сакам да го разубавам просторот.

Машки глас 2: Ај да испитаме имотно-правна состојба, како е таму, што...

Машки глас 1: Испитај имотно-правно и види како да најдеме, преку кого, како гласале во таа зграда.

Машки глас 2: Е, ги имаме тие податоци во центар.

Машки глас 1: Провери го тоа, па другата недела јави ми. Ако гласале за СДСМ, кој ги е.. И вака и така ќе ги губиме, нема да гласаат за нас, да тераме.“

Освен во Скопје, протести вечерва се одржаа и во Охрид, Велес и во Струмица.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG