Достапни линкови

Очекуван извештај на Фридом хаус за медиумите во Македонија


Извештај на Фридом Хаус за медиумите само го потврди тоа што се очекуваше. Затворени новинари, власта сака да им ја затвори устата на новинарите, корумпирани медиуми, политичари кои креираат вести, по сето тоа падот на листата не е ни чуден.

Логична и реална е оценката во најновиот извештај на Фридом Хаус во кој Македонија од групата делумно слободни, падна во групата неслободни земји за медиумите, велат упатените. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани посочува дека оценката е логичен след на настаните, откако пред еден месец истата организација излезе со извештај каде Македонија е третирана како земја со неизборна демократија и тоа значи дека власта е наметната на граѓаните и не е одраз на слободната волја. Најголема причина за падот Селмани ја гледа во фактот дека во Македонија има затворени новинари. Како никој да не извлекол поука од случајот со новинарот Томислав Кежаровски, посочува тој, и сега истата грешка се прави и со Зоран Божиновски. Освен притворени новинари, како што наведува Селмани има и ескалација на насилството врз нив, а никој не е санкциониран.

Кога тоа се случува во слободниот свет, тоа е јасна порака дека власта и институциите сакаат да им ја затворат устата на новинарите и да ги заплашуваат и одвраќаат од пишување и откривање на злоупотребите на власта.

„Кога тоа се случува во слободниот свет, тоа е јасна порака дека власта и институциите сакаат да им ја затворат устата на новинарите и да ги заплашуваат и одвраќаат од пишување и откривање на злоупотребите на власта“, вели Селмани.

Директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Жанета Трајкоска вели дека кога во Македонија има селективна правда, ограничени слободи и корумпирани медиуми нормално е дека тркалото ќе оди надолу и не е убаво да се види дека земјата е во друштво со Турција и Русија. Но, тоа според неа, било очекувано, особено по рангирањето на Македонија за неизборна демократија.

„Оваа оценка само ја рефлектира состојбата со медиумите во Македонија каде што имаме уредување на медиумските содржини, посебно вестите надвор од медиумите односно од одредени центри на моќ и центри на комуникација на политички врхушки. Каде што политичките партии се длабоко навлезени во креирањето на вестите на денот. Каде што имаме униформиран начин и обработка на вестите на денот кај најголем број на национални телевизии. Каде што немаме плурализам на мислења и имаме виртуелен плурализам, односно вештачки направен“, вели Трајкоска.

Она што е загубено, додава Трајкоска, е јавниот интерес, а медиумите наместо да бидат негови заштитници пренесуваат политички агенда и создаваат вештачка слика дека во Македонија се е добро. Селмани смета дека власта не чувствува одговорност Македонија да ја етаблира како слободна демократска земја во светот и притоа ја води земјата кон процес на изолација.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG