Достапни линкови

logo-print

Странските пари не чинат само ако не се за власта


Архивска фотографија - Никола Груевски се сретна со основачот и претседавачот на Фондациите отворено општество, Џорџ Сорос во Прага.

Архивска фотографија - Никола Груевски се сретна со основачот и претседавачот на Фондациите отворено општество, Џорџ Сорос во Прага.

Парите од Сорос и од странство не чинат само кога не ги зема власта, пишува неделникот Фокус. Република смета дека Шарената револуција е платеничка и тоа со пари на Сорос, а Глобус анализира зошто власта крие колку пари заработува.

Фокус - Колку пари ќарил од секташката Фондација соросоидот Иванов?

„’Сектата‛ на Сорос 2 години го плаќала Ѓорге Иванов‟, објавува на насловната страница најновиот Фокус, заедно со фотографии од една од средбите тет-а-тет на Груевски со Сорос и на младиот Иванов, заедно со анатемисаниот „соросоид‟ Милчин на некоја трибина во организација на Фондацијата Отворено општество одржана пред едно десетина до дванаесет години.

Колку и премиерот да нè убедува дека бројките не се точни, фактот што од јавноста толку долго и упорно се сокрива неговата заработувачка како факт што треба да е јавен, јасно кажува во која грмушка се крие дискредитациониот диносаурус

И во уводникот прашува: „Колку пари ќарил од секташката Фондација соросоидот Иванов?‟ Фокус потсетува на веќе познатиот факт дека Ѓорге Иванов бил член на УО на Фондацијата Сорос од 2002 до 2004 година. Е, колку пари зел нека истражат курирските „истражувачи‟ - предизвикува неделникот. И зошто во јуни 2011 година Груевски се сретна со Сорос во Прага? – прашува понатаму.

Или, сега фрлаат анатеми врз УСАИД што финансирала некои граѓански проекти. Ама кога Груевски беше советник на српската Влада, колумнистот на весникот „што прв дознава‟ го пофали дека за овој ангажман бил платен од УСАИД, со американски пари. „Значи, добри се сите пари, ама не е добро, море има секташки обележја, кога пастирот не им ги распределува на своите дворјани од експертутска и колумњарска провиниенција‟ – заклучува авторката на уводната колумна во Фокус.

Република - Има пари – нема мир

Република, вообичаено, повторно се „занимава‟ со народот и со Сорос, но од нејзин агол на гледање. Па, на насловната пишува: „Има пари – нема мир; 6 милиони евра за платеничката војска на Сорос‟, за во уводникот да наслови: „Платеничка револуција – Валканите пари на Сорос не можат да го купат народот‟. За уводничарот „проблем на СДСМ и на Соросовите платеници е губењето здив на и така раштимуваната и безидејна Шарена револуција, која од ден на ден има сè помала поддршка на улиците‟. За неделникот, очајот од ова бил толку голем што „Заев лично реши да се фати за балоните со боја‟, пишува Република.

Глобус - За власта парите се диносаурусот кој треба да се крие со пропагандна грмушка

И најновиот он-лајн магазин Глобус се занимава со парите на врхушката, поточно, на поранешниот премиер Груевски. „За власта парите се диносаурусот кој треба да се крие со пропагандна грмушка‟ вели авторот на текстот во неделникот, за да додаде дека „ако премиерот во домашни банки секој месец ‛трга на страна‛ по 10 илјади евра, а зема нешто над 1.000 евра плата, а неговиот вицепремиер Пешевски крие фирма во офшор зона јасно е дека путерот на главата си тече ли си тече и прави доволно вирови да паѓа уверливоста на режимот во нивниот патриотизам и добри намери‟. Колку и премиерот да нè убедува дека бројките не се точни, фактот што од јавноста толку долго и упорно се сокрива неговата заработувачка како факт што треба да е јавен, јасно кажува во која грмушка се крие дискредитациониот диносаурус, заклучува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG