Достапни линкови

logo-print

„Шарено“ пред Влада, „весело“ пред Собрание


Демонстрантите со боја гаѓаа кон зградата на Владата. Канти поликолор во жолта, зелена и црвена боја беа истурени на улицата, а се испишуваат и графити со пораките „нема правда, нема мир“, „слобода“, „оставки“. Поддржувачите на ГДОМ поставија македонско знаме на Триумфалната порта. Тие пееја песни и играа оро пред собраниската зграда.

Јајца кон Владата и боја на улицата пред неа оставија демонстрантите на кои откако полицискиот кордон во неколку реда ги спречи да поминат кај седиштето на Европската унија , па потоа имаше безуспешни обиди да бидат блокирани и на други места стигнаа до неа. На улицата Партизанска двоен полициски кордон ги оддели од помалата група владини поддржувачи кои беа во близина на автобуската станица и кои по кусо време заминаа извикувајќи Македонија, Македонија.

На протестот во организација на граѓанското движење „Протестирам“ кој почна како и секој ден пред просториите на Специјалното јавно обвинителство имаше илјадници граѓани.

Во близина на зградата на Европската унија дел демонстранти се туркаа со полицајци во обид да го пробијат кордон, но не успеаја. Ги прашуваа припадниците на МВР кого бранат барајќи од нив да ги спуштат штитовите.

Откако се упатија кон Владата, неколкупати полициски сили се редеа во обид да ги спречат да стигнат до таму, но тие сепак поминаа.

Пред Владата покрај извиците - Готово е Никола, Николче – диктаторче, се пееја и песни со пораки дека владата паѓа.

На вечерашниот протест имаше и знамиња испишани со Шарена револуција, име под кое деновиве станаа познати протестите. Демонстрантите на улицата пред зградата на Владата оставија и отпечатоци од дланки од бојата која ја разлеаја на улиците. Тие веќе деветти ден на улиците низ повеќе градови бараат оставка од претседателот Ѓорге Иванов, повлекување на одлуката за аболицијапроизнесување на уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд кое ќе биде надлежно за случаите на СЈО и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни

ГДОМ - „Да“ за избори на 5-ти јуни, „Не“ за деструкции

Ветувањања за одбрана на спомениците и на Македонија, говори на членови на ГДОМ, песни во изведба на Сузана Спасовска и Андријана Јаневска, па македонски патриотски песни и ора од учесниците. Во ваква атмосфера се одвива протестот на провладиното Граѓанско движење за одбрана на Македонија, пред Собранието на Македонија. Тие протестираат со паролата „Да“ за избори на 5-ти јуни, „Не“ за деструкции и црни сценарија од страна на СДСМ.

Десетини илјади граѓани од целата земја излегоа на вечерашниот протест пред Собранието. Тие побараа избори на 5 јуни со цел окончување на политичката криза. Тие исто така бараат повлекување на аболициите за лидерот на СДСМ Зоран Заев и за поранешниот прв разузнавач Зоран Верушевски.

„Ние сме избраниот народ кој го имаше и божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки кон вечноста. Од оваа библиска земја, браќа и сестри, Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава“, рече водителот на манифестацијата.

Поддржувачите на ГДОМ поставија македонско знаме на Триумфалната порта на чиј покрив беа запалени пиротехнички факели. Тие носеа транспаренти „Стоп за хулиганството“ и „Избори на 5 јуни“, но можеше да се забележат и анти-НАТО и анти-ЕУ постери. „Единствена Македонија“, „Не во ЕУ“, „НАТО - надвор“ и „Народот е силата“ се плакатите залепени на таработите кое го делеа собирот од Паркот Жена-борец. Провладините медиуми подоцна објавија дека плакатите со анти ЕУ и НАТо пораки биле подметнати од активисти на Сорос и оти насобраните граѓани ги искинале.

Дел од говорниците рекоа дека некој сака украинско сценарио, односно граѓански војна во Македонија, но оти за тоа нема услови оти сите Македонци се на една страна. Обвинија дека на протестите организирани од граѓанското движење Протестирам има странски и домашни платеници.

Во изминатите денови активистите на ГДОМ организираше протести низ повеќе градови во Македонија на кои се бараше да се одржат избори на 5 јуни и да се поништи одлуката на претседателот Ѓорги Иванов за аболиција на Зоран Заев и Зоран Верушевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG