Достапни линкови

За нова влада засега не се преговара


Влада на Република Македонија

Влада на Република Македонија

Техничка влада пред избори ќе има, но во моментов не се преговара за форматот на истата, велат од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Експертите предлагаат во идната влада да не учествуваат вмешани во скандалот со прислушувањето.

Во моментов нема преговори за формирање на техничка влада, тврдат од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ по гласините дека се разговара, па дури и дека веќе се зборува за форматот и распределбата на секторите.

Подготвени сме за техничка влада согласно Договорот од Пржино, но во оној момент кога ќе бидат договорени изборите, тврди портпаролот на владејачката партија Иво Котевски.

Сто дена пред избори подготвени сме да поддржиме влада каква што беше предвидена со договорот. Се покажа дека министрите од СДСМ освен вработувањето роднини и партиски послушници единствена цел им беше да ги блокираат сите проекти од полза на граѓаните. Таква дисфункционална влада не му треба никому на подолг рок.

„Сто дена пред избори подготвени сме да поддржиме влада каква што беше предвидена со договорот. Се покажа дека министрите од СДСМ освен вработувањето роднини и партиски послушници единствена цел им беше да ги блокираат сите проекти од полза на граѓаните. Таква дисфункционална влада не му треба никому на подолг рок“, вели Котевски.

Дополнително гласините дека веќе се разговара ги поттикна и најавата на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски кој пред неколку дена рече дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и кредибилни избори. Манчевски за РСЕ денеска објаснува дека тоа го кажал како дел од обврските превземени од сите, но дека во моментов ништо не се случувало на таа тема.

Според Јован Близнаковски, политиколог од Институтот за демократија, евентуалната нова техничка влада треба да биде поинаква од таа која функционираше досега според Договорот од Пржино, но треба да има и мандат подолг од сто дена пред избори. Првиот услов кој треба да го исполни е во неа да нема лица кои се вклучени во скандалот со прислушувањето, нагласува тој.

„Од аспект на лица кои што треба да бидат во таа влада мислам дека е важно владата да содржи независни и непартиски експерти на оние клучни позиции кои што се во врска со спроведувањето на изборите, значи би требало да биде различна од онаа пржинска влада каде што практично на старата коалициона влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ само се вметнаа лица од опозицијата на клучните ресори. Мислам дека треба потемелна реконструкција на ова што моментно го имаме како влада каде што независни и непартиски експерти ќе ги држат клучните позиции“, вели Близнаковски.

Во меѓувреме реакции во јавноста предизвика и најавата дека Европската унија планирала да ги вклучи во преговорите и претставниците на Граѓанското движење за одбрана на Македонија кое во дел од јавноста се перцепира како не автентично, туку само како испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите на Близнаковски, не се работело за никакви преговори, туку ГДОМ биле повикани на редовен консултативен состанок, а засега немало никакви индиции дека кој било претставник на граѓанските движења ќе се вклучел во преговори. Сепак и тој смета дека проблематично би било вклучувањето на ГДОМ како претставници на граѓанското општество.

„Тоа е проблематично пред сè ако се земе предвид дека во повеќе јавни настапи токму нивните претставници бараа суспендирање на функционирањето на некои граѓански организации и партии без некаква реална основа за тоа и од тој аспект навистина е проблематично да се даде таков легитимитет за ГДОМ да се појават на преговори како некакви претставници на граѓанското општество“, вели Близнаковски.

Од странските претставници за формирањето на влада реагираше холандската амбасада која во соопштение наведе учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада, или било која друга политичка функција не придонесувало кон враќање на довербата на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG