Достапни линкови

Избори нема да има. Аболицијата ја извртуваат. Оливер Спасовски му ја врати фотелјата на Митко Чавков. Уште Груевски да се врати.

Сè што доаѓа од врхушките на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е прецизно пресметано и испланирано со неколку потези однапред. Тоа се покажа и со синоќешното одложување на изборите. Изборниот бетон на ВМРО-ДПМНЕ, според опозицијата и демонстрантите, пукнал, но се виде дека многу повеќе им значи помилувањето.

А, што им преостанува?

Имено, кој им е изборот ако нема помилување за сите обвинувања за криминал и злоупотреби што произлегоа од бомбите? Соочување со законот и во иднина? Или воспоставување руски модел на демократија?

Што е оваа денешна иницијатива за аболиција во Собранието ако не е ново мачкање очи на јавноста?

Сега ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од Собранието бараат (и ќе добијат) измена на законот за помилување со што на претседателот на државата му се дава можност да изврши поништување на одредено помилување по барање на помилуваното лице или да ја повлече целосно аболицијата и тоа во пакет со измени на законот за општа и управна постапка, законот за управни спорови, за заштита на приватноста, за изменување на изборниот законик, како и законот за заштита на личните податоци.

Бесмисленост? Не.

Многумина не можат да се изначудат на понекогаш навидум бесмислените изјави на лица од власта. Некои како онаа изјава на Силвана Бонева и нејзината еднопартиска демократија конвертирана во едно - коалициска демократија, намерно се провоцира за да се „пали“ народ, додека тие во пакет со измените на изборниот законик за одложување на изборите си ја вратија старата влада.

Си ги констатираа условените оставки на техничките министри од СДСМ, Оливер Спасовски за внатрешни работи и Фросина Ташевска Ременски за труд и социјална политика, по што на нивната функција беа избрани нивните претходници, Митко Чавков и Диме Спасов. Сега велат, и Никола Груевски наскоро ќе се врател на премиерската функција. Толку од Пржино, навистина! А СДСМ каде е? Ете денеска Оливер Спасовски му ја предаде функцијата на Митко Чавков со насмевка.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG