Достапни линкови

Храбри одлуки ќе ја вратат Македонија на патот кон НАТО


НАТО Самит во Велс, 2014
НАТО Самит во Велс, 2014

Спорот за името со Грција е главната пречка што ја дели Македонија од НАТО, но наместо само еден услов, сега се испречува и домашната политичка криза. Со години власта декларативно е за членство во Алијансата, но одредени потези го говорат спротивното. Македонија на Самитот во Букурешт во 2008 година беше пред вратите на НАТО, пред претстојниот Самит во Варшава очекувањата не се оптимистички. Ниту е решен внатрешно – политички, ниту надворешно – политичкиот проблем. Во меѓувреме радарот на НАТО е насочен подалеку од земјите од Западен Балкан, но Македонија мора да си ги заврши домашните задачи и да се врати на евро-атлантскиот пат.

НАТО нема да се проширува во блиска иднина, поради проблемите во сопствениот двор. Од друга страна Македонија назадува во однос на интеграцијата во НАТО и покрај проблемот со името како главна пречка, сега ја има и политичката криза. Западниот сојуз има нов фокус, а приемот на балканските земји е оставен настрана. Македонија од лидер меѓу државите членки на Јадранската група во 2004, денеска се соочува со нови предизвици.

Радарот на Алијансата ротира, ако пред некое време Балканот со сите конфликти беше главен и топ тема и на највисоко ниво, како приорите на Алијансата, сега сметам дека ситуацијата со Украина, арапскиот свет, разнишаната состојба со Русија, им дава за право тој радар некаде на друго место да е фокусиран.
Илија Џугумунов, Евроатлански совет на Македонија.

Што може Македонија да очекува од Самитот во Варшава?

Илија Џугумунов од Евроатланскиот совет на Македонија вели дека земјата има свои очекувања за прием во Алијансата, но тој не е оптимист, едно поради проблемите кои ги има сојузот, а друго е и поради кризата во Македонија.

„Радарот на Алијансата ротира, ако пред некое време Балканот со сите конфликти беше главен и топ тема и на највисоко ниво, како приорите на Алијансата, сега сметам дека ситуацијата со Украина, арапскиот свет, разнишаната состојба со Русија, им дава за право тој радар некаде на друго место да е фокусиран, а Македонија останува да работи на своите реформи кои Министерството за одбрана добро ги спроведува, меѓутоа не можеме да очекуваме дека ние ќе бидеме директно на агендата, па дури ни проширувањето не би било.“

Целиот разговор со Џугуманов проследете го во продолжение.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:49 0:00
Директен линк

Министерот за одбрана Зоран Јолевски,пак, очекува на Самитот на НАТО во Варшава на дневен ред да биде членството на Македонија. Тој на Меѓународен форум во Црна Гора рече дека Македонија е партнер од доверба кој ги исполни сите критериуми да биде дел од НАТО и од Европската унија.

Но неговиот колега министерот за надворешни работи Никола Попоски вели дека во овој момент нема впечаток дека постои подготвеност од грчка страна да се случи влез на Македонија во НАТО на Варшавскиот самит. Тој на крајот на април за време на состанокот во Солун рече дека единствена пречка за нечленување на Македонија во НАТО е спор за името со Грција. Притоа потсети и на одлука на Меѓународниот суд на правдата во 2011, кој кажува дека одлука на Грција да го блокира влезот на Македонија во НАТО не е легална.

Каде е земјата. Јас сум оптимист и верувам дека истото важи и за сите главни политички партии кои веќе го потпишаа Договорот од Пржино кои истакнаа на самиот почеток дека иднината на државата е европската и евроатланската интеграција.
Генерал Румен Радев, шеф на канцеларијата на НАТО во Македонија.

Весникот Нова Македонија неодамна спроведе анкета за тоа дали земјата ќе стане составен дел од НАТО на претстојниот самит. Испратиле прашања до сите 28 земји-членки. Од одговорите што ги добиле може да се заклучи дека за Македонија останува политиката на отворени врати за проширувањето, но членките ја нагласиле загриженост за политичката криза во државата.

Каде е Македонија на патот кон НАТО?

Шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија, генералот Румен Радев неодамна изјави дека земјата треба да одговори на клучното прашање –Каде е Македонија на патот кон НАТО?

„Каде е земјата. Јас сум оптимист и верувам дека истото важи и за сите главни политички партии кои веќе го потпишаа Договорот од Пржино кои истакнаа на самиот почеток дека иднината на државата е европската и евроатланската интеграција. Секако секоја земја има моменти и сакам да кажам дека сега е моментот за стратешко преиспитување или може да биде и момент на криза им се случува на сите земји“, вели генерал Румен Радев, шеф на канцеларијата на НАТО во Македонија.

Тој на прашањето дали земјата ја става Алијансата во втор план поради политичката криза, вели дека НАТО го поддржува членството на Македонија и целиот Западен Балкан, но дека членки ќе станат кога ќе бидат исполнети сите услови. Тоа според него, е едната страна на монетата, а другата страна е националниот интерес. Радев потенцира дека Македонија е дел од Европа и има поддршка од сите меѓународни организации како за мигрантската криза така и на билатерално ниво.

Заменик министерот за одбрана Беким Максути пак вели дека дека зачленувањето во НАТО не е во втор план.

„Точно е дека се наоѓаме во една политичка криза која не треба да не одалечува сите од евроинтегративниот процес во ЕУ и НАТО. Сите заедно и владата и цивилното општество и опозицијата треба да работиме да Република Македонија си го најде своето место каде што припаѓа. Тоа е место заедно рамо до рамо со сите земји членки на НАТО и на ЕУ. Впрочем тоа сме го покажале со досегашната пракса со учеството во мировните мисии и определбата наша да бидеме дел од НАТО и ЕУ“, рече Максути.

По одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на политичари, реагираше американскиот Стејт департмент, изразувајќи длабока загриженост за чекорот на Претседателот. Во соопштението се наведува дека таквата одлука ќе го поткопа владеењето на правото во Македонија, интегритетот на нејзините судски институции и кредибилитетот на нејзините лидери и нивната посветеност кон темелните вредности на НАТО и на Европската унија.

На одбележување на четврти април – Денот на НАТО американскиот амбасадор Џес Бејли порача дека земјата треба да испрати порака до идните НАТО сојузници за посветеност на вредностите на Алијансата.

Бејли тогаш посочи дека е време да се одврзе јазолот за името.

Според Бејли, добро е што Македонија и Грција ги зголемуваат контактите во однос на спорот со името, а мигрантската криза ја потенцирала потребата за поголема соработка.

„Така што сега има развој на настани и нема подобро време за да се одврзе јазолот за тоа прашање, а САД, ОН и другите пријатели се подготвени да асистираат во вашите и во напорите на Атина“, рече Бејли.

Неколку дена претходно и посредникот на ОН за името Метју Нимиц рече дека по изборите во јуни повторно ќе се создадат услови за решавање на тој проблем.

„Кога ќе биде формирана нова влада, верувам дека Атина и Скопје ќе се сретнат со мене и ќе вложиме сериозен напор за решавање на овој проблем“, вели Нимиц.

Ова е можеби и најлошиот момент да се покрене тоа прашање, рече професор Денко Малески во интервју за нашето Радио коментирајќи дали е дојдено време за решение на името. Тој вели дека во земјата прокламираните принципи, стратешки цели - НАТО, ЕУ, ги повторуваа како папагал 23 години, но ништо од тоа не е остварено.

Проширувањето на НАТО, далечна иднина?

Односите меѓу Русија и Соединетите држави се влошени, а некои западни дипломати и натаму ја влошуваат со испраќање конфликтни пораки, на пример во врска со проширувањето на НАТО, особено со Украина. Ваквите пораки, според Ројтерс, предизвикуваат конфузија и кај членките и кај оние што сакаат да станат. Гоце Атанасов

„Нема шанси за проширување на НАТО во блиска иднина поради страхувањата дека тоа би можело да ја дестабилизира Русија“.

Оваа изјава на американскиот амбасадор во Алијансата Даглас Лут би можело да ги разочара сите кои сакаат да станат членки на НАТО, главно балканските земји и Грузија. Според Лут, НАТО се соочува со слични услови од крајот на Студената војна и затоа Алијансата не сака да ги влоши внатрешните слабости во Русија.

Проширувањето на НАТО, далечна иднина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:05 0:00

„Практично јас не гледам дополнителен простор во блиска иднина, во следните неколку години за дополнително проширување на НАТО“, изјави Лут, говорејќи на Форумот на Аспен што се одржа во Лондон посветен на безбедноста.

„Мислам дека Русија игра важна улога во стратешкото опкружување и стратешкото опкружување ќе стави кочница на проширувањето на НАТО“, објасни тој, додавајќи:

„Ако ја прифатите претпоставката за руската внатрешна слабост, а можеби и постојан пад, можеби нема смисла сега да притискате натаму и можеби да го забрзате тоа“.

Во декември минатата година, НАТО ја покани Црна Гора да пристапи што е прва експанзија од 2009 година, потег кој тогаш предизвика гнев од Москва, која се противи на какво било ширење кон поранешните комунистички области на Источна и Југоисточна Европа. НАТО во април 2008 година им даде отворено ветување на Грузија и другите балкански земји како Македонија и Босна и Херцеговина, додека Украина, најави дека е заинтересирана за приклучување кон НАТО.

Лут вели дека останува политиката на отворена врата кон нови членки, но оти има мала веројатност сите 28 сојузници на НАТО да се согласат да поканат нови членки.

„Не постои начин да добиеме консензус во блиска иднина за прием на Грузија или Украина на пример“, рече тој.

Од друга страна новиот врховен командант на НАТО во Европа американскиот генерал Кертис Скапароти изјави дека Алијансата има клучна улога во соочувањето со новите безбедносни предизвици. Притоа тој спомна еден од нив, велејќи:

„Русија која се обидува да се проектира како светска сила. Русија е многу активна во источна Украина и не гледам дека тоа ќе се смени во блиска иднина“.

Москва пак го обвини НАТО за зголемување на тензиите, бидејќи го зајакнува своето воено присуство на источното крило на Алијансата, особено Полска и Балтичките земји. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дури оцени дека балтичките земји не покажале никаква благодарност спрема Москва која, како што рече, „им дозволи мирно да заминат по распадот на Советскиот сојуз. Тие земји му се приклучија на НАТО, но не се смирија и најмногу се непријателски настроени спрема Русија. Претходно, руското Mинистерство за надворешни работи оцени дека НАТО имал опасни планови.

Контра обвинување дојде од шефот на НАТО Јенс Столтенберг кој изјави дека потезите на Алијансата биле предизвикани токму од воените акции на Русија на Крим и во источна Украина. И американскиот секретар за одбрана Ештон Картер излезе со иста критика, предупредувајќи ја Русија да не „ѕвечка со нуклеарно оружје“.

„Не сакаме од Русите да правиме непријатели“, рече министерот Картер, повикувајќи ја Москва да ја преземе улогата на конструктивен партнер.

„Голем дел од напредокот остварен по Студената војна, беше направен со Русија. Не против неа, туку со Русија. Вратата и останува отворена, на потегот е Кремљ“, рече тој.

Како и да е, дел од експертите сметаат дека иако Вашингтон е за проширување на НАТО, таму се почесто почна да се поставува прашањето, дали ваквата заложба ќе ја зголеми или намали националната безбедност на Соединетите држави.

Во анкета на Интернационалниот републикански институт(ИРИ) објавена при крајот на 2015 се наведува дека се намалува поддршката за членство на земјата во НАТО. Од испитаниците, 74 проценти поддржуваат Македонија да влезе во НАТО. Ова е значително намалување на поддршката и најниско во историјата откако ИРИ спроведува анкети, поточно од јануари 2006 година.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG