Достапни линкови

Малески - Ова е можеби најлош момент за спорот за името


Партиите знаат да ги злоупотребуваат тие емотивни теми при изборите, како прашањето за името. Ова е можеби и најлошиот момент да се покрене тоа прашање, вели професор Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Малевски, дали после 23 години од приемот во ОН, кога станавме суверена држава на картата на светот, сега Македонија е на некаква пресвртница кога можеме да ги поткопаме и стратешките евроатлански определби ако продолжиме во оваа насока со оглед на актуелната политичка ситуација?

Премногу долго Македонија се потпира само врз тој меѓународен суверенитет што го доби во 1991 година, имено тој суверенитет требаше да биде исполнет со една внатрешна содржина, а тоа значи да создадевме една демократска држава со внатрешно единство кое е во состојба да функционира во меѓународните односи, во Европа особено, да стане дел од политичките структури на ЕУ и на НАТО, сето тоа се разбира го пропуштивме заради начинот на којшто дома ја водиме политиката. Тешко ни е да ги прифатиме начелата на демократијата, на слободата, во политичкото уредување на земјата, и со тоа перманентно заостануваме, затоа што нашите институции не се во состојба да произведуваат одлуки коишто ќе ја туркаат државата напред и оттаму еве веќе стоиме во место толку години. Прокламираните принципи, стратешки цели - НАТО, ЕУ, ги повторуваме како папагали 23 години, но ништо од тоа не успеавме да оствариме.

Во овој период добивме изјави од амбасадорот на САД, а претходно и од медијаторот Метју Нимиц дека сега е вистинско време да се реши прашањето за името. Дали после 23 години од влегувањето во ОН сега е вистинско време да се реши ова прашање?

Проблемот со странските амбасадори во овој четврт век независност е тој што некој со поголем, некој со помал ентузијазам влегуваат во својот тригодишен мандат. Ние би сакале да веруваме дека ова е правиот момент, но ништо не укажува на фактот дека тоа е така, затоа што можеби имаше момент во политичката историја на Македонија на почетокот, кога демократијата не беше уште консолидирана, кога некои луѓе како претседателот можеа да преземат врз себе некои побитни одлуки околу ова прашање, меѓутоа сега веќе живееме во некој плурален процес на разни политички партии коишто имаат свои различни видувања и коишто знаат да ги злоупотребуваат тие емотивни теми при изборите, ова е можеби и најлошиот момент да се покрене тоа прашање. Сепак натаму тврдам дека преминот од автократска власт кон демократија, кадешто ќе се почитуваат ставовите на различните партии, кои претставуваат различни сегменти на македонското општество по сите прашања, па и по прашање за името е начинот како да се дојде до некакво единство во државата за да се реши проблемот и Македонија да стане дел од евроатланските структури.

Дали во овој период Европската унија има интерес за проширување, будејќи и таа сама по себе е ранлива поради мигрантската криза и заканите од терористички напади?

Парадоксално е, јас сум бил сведок на ситуации кога претставници на многу поголеми земји од Македонија кои стоеле во ред само за да се поздрават со некој амбасадор на голема земја во НАТО или на водството на ЕУ, парадоксално е што сега практично Македонија ја молат да влезе во Унијата и во НАТО, зошто? Заради проблемите кои ги создава како едно откачено парче кое види тука на Балканот. Кога се создадоа малите држави од распадот на Југословенската Федерација, еден многу умен човек, Џорџ Кенан, дипломат, поранешен амбасадор на САД во Москва и политички мислител напиша – успешни од овие мали земји ќе бидат само оние кои ќе успеат да се димензионираат во меѓународните односи. Словенија успеа. Не го покрена прашањето за Корушките Словенци, за споровите со Австрија, Австрија беше нејзиниот промотор внатре и преку човекови права ги решаваа проблемите на населението од нивна етничка припадност. Хрватска повторно успеа да се димензионира и покрај целиот национализам на Туѓман тој ја прифати западната иницијатива да се сочува Боска и Херцеговина , да учествуваат во муслиманско-хрватска федерација внатре во државата, да соработува со светот. Тие успеаа. Кој не успеа? Србија не успеа,отвори војна со сите во Југославија и не успеа Македонија која исто така не знаеше да се димензионира како нова, млада, модерна држава и нација која зад себе ги остава историските расправии со балканските народи, оти во Европа и од таа позиција потоа ги отвора темите на минатото, но од една комотна позиција, безбедна за својот народ и за својата држава.

Целото интервју со професор Денко Малески можете да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG