Достапни линкови

За борбата!


Владимир Делов, граѓански активист

Владимир Делов, граѓански активист

Како што борбата е заедничка, така треба да биде заеднички и исходот од победата! Вкусот на победата мора да биде вкусен од сите коишто за победа ќе се борат, пишува активистот Владимир Делов во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Поттикнат од последните случувања во поширокиот опозициски блок и расколот внатре што ја одржува моменталната гарнитура на власт, понесен од идејата за единство под плаштот на разноликоста или плурализмот, како сакате, ќе се обидам да ја сумирам нужноста од потребата за сеопозициски фронт за детронизација и реформација на политичкиот систем.

Ако се бориме за ревитализација на институциите, тогаш во процесот на воспоставување на тие институции треба да учествуваат сите политички субјекти, политичките партии и цивилното општество, се разбира по потреба и меѓународниот фактор.

Борбата е заедничка. Но, како што борбата е заедничка, така треба да биде заеднички и исходот од победата! Ако се бориме за ревитализација на институциите, тогаш во процесот на воспоставување на тие институции треба да учествуваат сите политички субјекти, политичките партии и цивилното општество, се разбира по потреба и меѓународниот фактор. Вкусот на победата мора да биде вкусен од сите коишто за победа ќе се борат.

За да се одржува единство во однос на нашите заложби, тие заложби мора да ги усогласиме и да ги утврдиме како минимум врз основа на коишто ќе се сложиме и ќе се придружуваме. Договор куќа гради. Ќе наведам седум точки под кои коалицијата на правдољубивите е возможна:

*Да ја тргнеме моќта од рацете на политичките елити и да ја вратиме онаму кај што припаѓа – кај граѓаните!

*Законска и морална реформа во медиумскиот сектор!

*Ослободување на стопанството/пазарот од канџите на политичката елита.

*Грижа за животната околина и животната средина. Мора да се стави и ќе се стави крај на урбаната мафија!

*Борба против клиентелизмот. Крај за клиентелизмот! Политичката лојалност не смее и нема да значи придобивки и привилегии.

*Воспоставување одговорни, транспарентни и демократски институции.

*Транспарентно финансирање на политичките партии.

Протестот мора да има стратегија и план коишто ќе бидат изведени на дисциплиниран начин. Еден од најголемите ризици за едни протести е да ја преминат границата кон насилство. Зошто? Има неколку причини зошто насилството и граѓанскиот отпор се масло и вода – предизвикуваат пожар.

1. Потребно е да овозможиме учество на што е можно повеќе луѓе на протестите.
- Како што можевте да забележите на вчерашните протести, после првата ескалација, толпата загуби дел од своите учесници.

2. Насилството ќе ја зголеми можноста да се возврати со насилна репресија. Насилството му дава легитимитет на противникот да употреби сила и тој тоа го користи како аргумент во јавноста. Притоа, ќе настрадаат сите демонстранти, не само оние кои што се служат со насилство.

3. Кога протестите се користат со насилство, почнуваат да претставува јавна закана.

4. Ја намалуваат можноста да воспоставуваме нови сојузници, особено ги намалува шансите (кои во нашиот случај се мали секако) на одбивање послушност од страна на поддржувачите на владејачката гарнитура. Во случајот на „Студентски пленум“, ова се покажа како точно и успешно, имавме широка поддршка.

5. Насилството ја зголемува лојалноста на поддржувачите на противникот. Нивната перцепција за загрозеност расте и во ситуација на паника и страв, тие вложуваат уште повеќе во својата лојалност и eдинство со цел да се спротивстават на заканата. Ова може да доведе до граѓанска војна.

Не случајно се набројани рационалните причини, а не моралните. Лично, насилството не е мојот одговор, имаме бројни начини да постигнеме нешто, а притоа да не бидеме насилни. Новите институции нема да бидат воспоставени со лоши средства. Со лошо, доброто тешко се постигнува.Мораме да бидеме трпеливи, детронизацијата може да потрае, но таа веќе е започната.

На линијата на отпорот е потребен секој здив! Сите кои го имаат поривот за слободата треба да застанат заедно рамо до рамо. Верувам дека овде сите се бориме во име на повисоки вредности и цели, подеднакво и партиите и цивилното општество. Немаме друг избор. Се бориме за живот!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG