Достапни линкови

На понуда од ВМРО ДПМНЕ четирите партии да испратат писмо до Иванов за да ја преиспита одлуката за прекинување на кривичните постапки, од СДСМ одговорија дека бараат поништување на сите одлуки за помилување. Од ДУИ интензивно работеле за решавање на ситуацијата.

СДСМ останува на барањето за поништување на сите одлуки за помилување донесени во вторникот од претседателот Ѓорге Иванов и бара одговорност на сите за сторениот криминал, се наведува во соопштението од опозициската партија по утринската понуда на ВМРО-ДПМНЕ - четирите партии да испратат писмо до шефот на државата со барање да биде преиспитана одлуката за прекинување на кривичните постапки.

Бидејќи Иванов и Груевски се тим, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски нека го повикаат Иванов да ги поништи, односно да ги отповика сите одлуки за помилување. Идентично како што ја поништи аболицијата за Ламбе Арнаудов, поради „техничка грешка“.

„Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, прв, јавно ја отфрли аболицијата и повика на поништување на срамните одлуки. Бидејќи Иванов и Груевски се тим, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски нека го повикаат Иванов да ги поништи, односно да ги отповика сите одлуки за помилување. Идентично како што ја поништи аболицијата за Ламбе Арнаудов, поради „техничка грешка“ наведуваат од партијата.

Од ДУИ, пак, на прашањето дали ја прифаќаат понудата упатуваат на денешниот статус на социјалната мрежа Фејсбук на нивниот претседател Али Ахмети.

„Штотуку ја завршив заедничката средба со амбасадорите на САД и на Европската Унија во Македонија, г-дин Џес Бејли и г-дин Аиво Орав. Ние интензивно работиме за решавање на ситуацијата во корист на граѓаните и да се стави крај на оваа криза која ја влошува и претставува закана за безбедноста, стабилноста, благосостојбата, економијата, и евро-атлантската интеграција“, напиша Ахмети претпладнево.

ВМРО-ДПМНЕ утринава во соопштение наведе дека одлуката на Иванов не била во согласност со заложбите на ВМРО ДПМНЕ и дека нивниот став бил јасен, дека секој што направил криминал треба да одговара.

„Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе предложи да биде испратено писмо до претседателот Иванов, потпишано од четирите најголеми политички партии, со барање да биде преиспитана одлуката за прекинување на кривичните постапки“ напиша партијата.

Иванов вчера во телевизиското интервју со повеќе уредници на телевизии рече дека кој не сака неговото име да биде меѓу аболицираните, да достави писмено барање и ќе нашле начин, ако погрешиле кон нив, да се најдел правен основ тоа да се избрише.

Инаку веднаш по неговата одлука објавена пред четири дена се јавија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со изјави дека не се согласуваат, а лидерот на опозицијата Заев рече дека јавно ја отфрла аболицијата, не ја посакувал, ниту ја прифаќал и дека формално кога ќе стигнел актот ќе го врател назад. Груевски пак нагласи дека во ВМРО-ДПМНЕ никој не е виновен за делата за кои се сомничи, но додаде дека Иванов не го прекршил ниту Уставот, ниту законот, а аболицијата немал опција да ја одбие.

На потегот на Иванов реагираа и Ахмети кој побара итно повлекување на одлуката, а лидерот на ДПА Мендух Тачи не ја исклучи можноста тоа како што рече да било во договор со Груевски.

Иванов во вторникот помилува вкупно 56 луѓе од кои голем дел се од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ а рекордери по бројот на помилувањата се поранешните министри Миле Јанакиески 16 пати и Гордана Јанкулоска -13 пати. Груевски е помилуван пет пати, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, шест пати, а на листата се и Трајко Вељаноски, Коце Трајановски, Кирил Божиновски, Мартин Протоѓер.

Од опозициската партија Иванов ги помилува Зоран Заев два пати, Зоран Верушевски , два пати, сопругот на потпреседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска еднаш и поранешниот шеф на државата и на социјалдемократите Бранко Црвенковски.

Од партиите на Албанците на списокот помилувани го има лидерот на ДПА МендухТачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG