Достапни линкови

Полициска акција во Париз, загинати и уапсени


Во текот на истрагата во врска со терористичките напади во Париз изутрината во париското предградие Сен Дени дошло до престрелка. Притоа имало загинати, вклучувајќи и една жена која се самоубила со активирање бомба.

Француската специјална полиција изутрината во париското предградие Сен Дени покренала акција по осомничени за нападите во Париз. Притоа, загинале три лица, вклучувајќи и една жена која се самоубила со активирање бомба. Полицијата привела неколку лица. Имало и повредени полицајци.

Сега се верува дека имало уште еден напаѓач. Станува збор за Абделхамид Абауд, 27-годишен Белгиец со потекло од Мароко за кој се смета дека бил главен организатор.

Во ова предградие се наоѓа стадионот, едно од неколкуте места што беа цел на самоубиствените напади во петокот, а за кои одговорноста ја презедоа милитантите на Исламската држава.

Француската полиција била во потрага по уште едно лице за кое се верува дека избегало по нападите.

Француските власти претходно соопштија дека најмалку осум луѓе биле директно вклучени во крвопролевањето, шестмина од нив се самоубиле со експлозив, еден загинал во престрелка со полицијата и еден успеал да побегне во Белгија.

Сега се верува дека имало уште еден напаѓач. Станува збор за Абделхамид Абауд, 27-годишен Белгиец со потекло од Мароко за кој се смета дека бил главен организатор и кој бил во Сирија во територија што е под контрола на милитантите на Исламската држава.

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека би можело вонредната состојба во земјата да биде продолжена за уште три месеци.

Во Европа расте нервозата, а синоќа на два часа пред пријателскиот фудбалски меч меѓу Германија и Холандија тој беше откажан поради закана за бомбашки напад. Полицијата не пронашла ништо, а не дошло ни до приведување осомничени.

Во текот на изминатата ноќ, американската воздухопловна агенција соопшти дека два авиона на Ер Франс кои биле на летови од Лос Анџелес и од Вашингтон за Париз морале да бидат пренасочени кон Салт Лејк Сити и Халифакс, Канада.

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека би можело вонредната состојба во земјата да биде продолжена за уште три месеци.

За двата авиона имало анонимни јавувања за поставени бомби, но станувало збор за лажни закани.

Во меѓувреме, продолжуваат интензивните воздушни напади на Франција и Русија врз позиции на милитантите во Сирија. Париз и Москва најавија остар одговор за париските терористички напади, како и за бомбата поставена во рускиот патнички авион кој во минатиот месец се урна во Египет при што загинаа 224 луѓе.

„Неопходно е директно да се поврземе со Франција и да работиме како сојузници“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Тој ќе се сретне со францускиот претседател на 26 ноември во Москва откако Оланд претходно ќе разговара со Обама во Вашингтон.

Франција исто така се повика на претходно некористената повелба на Европската унија за барање помош од членките на Унијата во борбата против милитантите на Исламската држава во Сирија.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама ја пофали улогата на Русија во разговорите во Виена за ставање крај на конфликтот во Сирија.

Тој додаде дека би сакал Москва да ја смени својата политика на поддржувач на сирискиот режим и повеќе да се насочи кон борбата против милитантите на Исламската држава.

Зборувајќи на прес-конференција во Манила, Обама изјави дека се уште постојат разлики со Русија околу судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад. Но, како што додаде, Русија била конструктивен партнер во Виена во обидот да се креира политичка транзиција во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG