Достапни линкови

logo-print

Ердоган: Турција, жртва на регионалната нестабилност


Турските власти соопштија дека најмалку 37 луѓе загинале, а над 120 биле ранети во силната експлозија што вчера вечер се случи во турскиот главен град Анкара. Според турските власти постоеле солидни траги кои укажувале која терористичка организација го извршила нападот, втор во Анкара за помалку од еден месец.

Министерот за здравство Мехмед Муезиноглу изјави дека 125 луѓе биле ранети, од кои дваесетина во критична состојба.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција станала цел на терористички напади поради нестабилноста во регионот во изминативе години.

Тој додаде дека терористичките организации напаѓале цивили, бидејќи ја губат битката со безбедносните сили.

Експлозијата се случи во Гувенпарк на плоштадот Кизилај, клучен транспортен и трговски центар во Анкара. Според НТВ телевизијата, станува збор за самоубиствен напад со автомобил бомба.

Вчерашниот напад беше трет во изминативе пет месеци извршен во близина на владата, парламентот и некои странски амбасади во Анкара.

Некои медиуми јавуваат дека експлозивот бил сместен во автомобил кој бил паркиран до една автобуска станица во близина на паркот.

Експлозијата се слушнала не неколку километри оддалеченост.

Неколку други возила биле зафатени со оган во подрачјето кое е во близина на владините канцеларии, вклучувајќи и на неколку министерства.

Премиерот Ахмед Давутоглу изјави дека истражните органи имале солидни траги за тоа која конкретна терористичка организација би можело да стои зад нападот.

Министерот за внатрешни работи Ефкан Ала веднаш по нападот најави дека името на таа организација ќе биде соопштено кога ќе заврши истрагата.

Извори во турската полиција за новинската агенција Ројтерс изјавиле дека првичните наоди сугерирале дека одговорна за нападот била Курдската работничка партија која веќе три децении се бори за Курдска автономија во Турција.

Според некои наводи, автомобилот кој експлодирал бил од марката БМВ со регистарски таблички од Вирансехир, град на југоистокот на Турција во кој главно живеат Курди.

Овој напад беше втор за неполн месец.

Претходниот извршен на 17 февруари исто така со автомобил бомба се случи на само неколку квартови од сегашниот.

Во тој напад загинаа 29 луѓе, повеќето од нив војници.

Вчерашниот напад беше трет во изминативе пет месеци извршен во близина на владата, парламентот и некои странски амбасади во Анкара.

Австралискиот амбасадор во Турција Џејмс Ларсен, како што соопшти Канбера, бил во автомобил на само дваесетина метри од експлозијата.

Турските власти наредија забрана на пристап на Фејсбук и Твитер откако слики со жртви од нападот биле разменувани на овие социјални медиуми.

НАТО членката Турција се соочува со повеќе безбедносни ризици.

Како дел од сојузничката коалиција предводена од Соединетите Држави се бори против милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак.

Дома пак, властите се борат против курдските милитанти на југоистокот на земјата откако во јули лани пропадна две ипол годишното примирје меѓу двете страни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG