Достапни линкови

Загинати и ранети при експлозии на аеродром и метро во Брисел


Денеска во Брисел одекнаа експлозии на аеродромот Завентем и во метро станицата Малебек. Медиумите јавуваат за десетина мртви и ранети.

Најмалку 13 луѓе загинаа, а 35 се ранети, при две експлозии на аеродромот Завентем во Брисел, по што следеше уште една на метро станицата Малебек во близина на европските институции во Брисел, јавија белгиските и западните новински агенции.

Смртоносните експлозии на бриселскиот аеродром биле предизвикани од бомбаш самоубиец, соопшти белгискиот јавен обвинител.

Во Белгија заканата од тероризам е подигната на највисоко ниво. Аеродромот и целиот јавен превоз е затворен.

Белгискиот кризен центар ги советуваше граѓаните да останат таму каде што се наоѓаат. До персоналот на европските институции е испратен совет да останат дома или да не ги напуштаат работните места. Нивото на безбедноста е подигнато на сите европски аеродроми.

​Како што јавија белгиските медиуми, експлозиите на аеродромот Завентен одекнале во терминалот за заминување. Според видео снимките се гледаат скршени прозорци и чад.

Аеродромот веднаш беше затворен за летови како и железничкиот транспорт кој води кон аеродромот. Овие експлозии доаѓаат по апсењето на Салех Абдеслам во Брисел.

Тој е првообвинет во случајот за ноемвриските напади во Париз кога беа убиени 130 луѓе.

Министерот за внатрешни работи на Белгија, Јан Jамбон, вчера изјави дека земјата е во состојба на готовност за можна одмазда по апсењето на 26-годишниот Абдеслам.

„Ние знаеме дека запирање на една ќелија може да ги поттикне другите да стапат во акција. Ние сме свесни за тоа“, изјави тој за државното радио.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG