Достапни линкови

Над 120 илјади гласачи во изборна сива зона


Нема да има дополнителна проверка за над 120 илјади гласачи за кои се претпоставува дека се на привремена работа или престој во странство.

Во девет од десетте бази на податоци од кои се вршеше вкрстената проверка, 124.027 гласачи не се појавуваат од први јули минатата година. За нив, мнозинството во Државната изборна комисија одлучи дека нема да се проверуваат теренски, а нивната претпоставка е дека најверојатно се работи за луѓе што се на привремена работа или престој во странство.

Најубаво би било кога во избирачкиот список би имало евиденција дека овие луѓе се во тие 120.000 кои што не биле теренски проверени и кога тие ќе се појават на избирачкиот список да бидат дополнително проверени.

Засега Комисијата нема одлука за никаква дополнителна друга проверка на иселениците кои до пред извесно време беа посебно одбележувани во избирачкиот список. Тие би биле ставени во посебен список само ако се пријават за гласање во дипломатско конзуларните претставништва во странство. За оваа категорија граѓани имаше сомневања дека се користат нивните гласови и на претходните изборни циклуси, а Специјалното јавно обвинителство најави и посебен предмет за гласањето на иселениците.

Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија, дополнително во процесот на проверка на овие спорни гласачи во одредена мера може да помогне тоа што во избирачкиот список на овие избори покрај името и презимето ќе стои и фотографија на гласачот.

„Најубаво би било кога во избирачкиот список би имало евиденција дека овие луѓе се во тие 120.000 кои што не биле теренски проверени и кога тие ќе се појават на избирачкиот список да бидат дополнително проверени“, вели Поповиќ, кој нагласува дека правото на глас е неприкосновено, но исто така заради осигурување доверба во процесот би можело на пример да им се побара и пасош од кој ќе се види кога влегле во земјата.

Професорот Темелко Ристески, пак, смета дека веќе нема време да се очекува сосема чист избирачки список, но и тој нагласува дека има методи со кои може да се изврши барем делумна проверка.

„Треба да се направат сепак извесни проверки со цел да се зголеми довербата кај граѓаните. Можни се проверки на пример дали се плаќани сметките, кој ги плаќал, кога, потоа Министерството за внатрешни работи има евиденција за преминот на државната граница кога поминале, дали се вратиле назад, кога е регистрирано тоа“, вели Ристески.

Инаку Државната изборна комисија одлучи да се изврши теренска проверка за 110.440 спорни гласачи, додека дополнително ќе одлучи дали теренски ќе проверува уште 62.837 лица, откако претходно за нив ќе се изврши административна проверка. Админстративно треба да се проверат податоците и за 35.859 избирачи кои најверојатно се починати.

На ова најгласно реагираа од СДСМ чии членови не гласаа за одлуката на ДИК и побараа комисијата да им ја образложела на граѓаните, како што рекоа, апсурдната одлука.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG