Достапни линкови

Опозицијата наоѓа фантомски гласачи, власта обвинува дека си бараат алиби


Опозицискиот СДСМ соопшти дека граѓаните им пријавиле стотици случаи на фантомски гласачи. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека СДСМ работи на сценарио за спас на раководството на партијата.

СДСМ денеска соопшти дека на телефонската линија што ја отворила партијата (02/ 3293-109) граѓаните пријавувале бројни неправилности во Избирачкиот список.

750 фантомски гласачи на домашни адреси на граѓаните, 47 непостоечки станови, 14 непостоечки влезови, 112 иселени граѓани, 7 гласачи запишани на адреси на државни институции и деловни простории.

„Во текот на вчерашниот ден, на телефонскиот број што го отвори СДСМ пријавени се овие неправилности на избирачкиот список - 750 фантомски гласачи на домашни адреси на граѓаните, 47 непостоечки станови, 14 непостоечки влезови, 112 иселени граѓани, 7 гласачи запишани на адреси на државни институции и деловни простории. Хаосот оди дотаму, што и на адресите на државните институции и училиштата се запишани лица со право на глас“, се вели во соопштението од СДСМ.

Партијата посочува дека на адресата на Сектор за урбанизам и просторно планирање во Гази Баба запишани биле вкупно девет лица со право на глас, додека со адреса на Државниот пазарен инспекторат, запишано било едно лице со право на глас, а на друга адреса во Скопје, во Министерството за економија запишано било, исто така, едно лице. На едно основно училиште во Скопје биле запишани дури 13 лица.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека ова е ново сценарио за спас на раководството на СДСМ со три цели: алиби за да ги одложи изборите, алиби за да избега од избори или алиби за да не ги признава резултатите од изборите.

Партијата посочува дека СДСМ бесрамно лажеле дека има фантомски гласачи во домовите на пратениците Даниела Рангелова, Димитар Стевананџија и Павле Саздов.

„Откако не успеаја овие измислици, медиумите под контрола на СДСМ започнаа да се повикуваат на јавувања од анонимни граѓани кои виделе фантомски гласачи во своите домови“, се наведува во реакцијата на владејачката партија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG