Достапни линкови

logo-print

Неизвесно навременото прочистување на избирачкиот список


Седница на Државната изборна комисија

Седница на Државната изборна комисија

Полоша отколку што се очекуваше е состојбата со избирачкиот список, велат познавачите и се сомневаат дека до изборите на 5 јуни хаотичната слика ќе се среди.

Доцнењето со вкрстената и теренската проверка на избирачкиот список, како и бројката која циркулира во јавноста дека според првичните сознанија има речиси половина милион спорни гласачи уште еднаш го покренуваат прашањето дали навреме ќе биде прочистен избирачкиот список до изборите закажани за 5 јуни. Од ДИК соопштија дека откако ќе биде усвоен извештајот за вкрстената проверка ќе започнат со теренска проверка на гласачите. Според извештајот на комисијата кој се појави во јавноста 495.258 се спорни гласачи.

За да се прочисти тој хаотичен избирачки список потребно е повеќе време. Времето до 5 јуни е кратко. Но, сепак со добар ангажман, пред сè, на ДИК во соработка со надлежните институции може многу да се направи.

Универзитетскиот професор Темелко Ристески вели дека може да се заклучи оти се покажало дека избирачкиот список е хаотичен.

„За да се прочисти тој хаотичен избирачки список потребно е повеќе време. Времето до 5 јуни е кратко. Но, сепак со добар ангажман, пред сè, на ДИК во соработка со надлежните институции може многу да се направи, бидејќи досега е прилично направено и ова што се открија недостатоците на тој избирачки список е голема работа“, вели професор Ристески.

Џабир Дерала од невладината Цивил, која се бави со мониторинг на изборниот процес смета дека катастрофалната состојба на избирачкиот список во изминатите години сепак се покажала уште полоша од сите очекувања, предвидувања и анализи.

„Тоа што го гледаме во текот на овие денови доколку се покаже сосема точно, а нема нема причина да не биде точно претпоставува дека навистина и покрај нашите оптимистички проценки дека експертскиот капацитет на ДИК е поволен, но имајќи ги предвид сите околности и опструкции не верувам дека ќе се постигне со почитување на роковите кои се предвидени со договорот меѓу партиите“, вели Дерала.

Ристески додава дека до изборите има време за избирачкиот список да добие не одлична, туку добра оценка.

„Се плашам да не изостане соработката на органите и институциите да не се вршат опструкции околу прочистувањето на избирачкиот список. Ако до тоа дојде тогаш навистина може да се случи да не се завршат работите до 5 јуни. Тоа нема да биде добро и веројатно ќе наметне потреба од понатамошно одлагање на изборите“, вели Ристески.

Според Дерала мора да се исполнат сите услови за спроведување на фер и слободни избори во Македонија, а потоа да се размислува за датум, бидејќи во друг случај се урива стекнувањето на довербата во изборниот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG