Достапни линкови

СЈО отворило 30 постапки, а во најскоро време се очекуваат и првите обвиненија. Во Извештајот е нотирано несоработката на институциите со новото Обвинителство. Јанева соопштува дека од СДСМ добиле близу 550 илјади фајлови со прислушувани разговори. Од четирите милиони евра, СЈО досега потрошило 21,4 проценти.

Од 15 септември, односно од денот кога е формирано Специјалното jавно обвинителство отворени се 30 постапки против 80 лица и тоа за кривични дела како што се повреда на избирачко право, злоупотреба на средства за изборна кампања, неовластено прислушување и тонско снимање, изборни измами како и за едно кривично дело злосторничко здружување. Ова е наведено во шестмесечниот извештај за работата на Специјалното обвинителство што е доставен до Собранието и до Советот на јавни обвинители. Нема информации за одредени предмети и за тоа кој предмет во која фаза е, но во извештајот се заклучува дека се започнати многу предистражни постапки од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминале и во истрага и се најавува оти во најскоро време може да се очекуваат првите обвиненија.

Во извештајот на Катица Јанева за сработеното по половина година од формирањето на СЈО, акцент е ставен и на соработката со институциите, каде се изнесуваат констатации дека Судот и Јавните обвинителства немаат доверба во неа и го повредуваат законот, бидејќи одбиваат да соработуваат, одбивајќи да достават предмети на увид. Иако во Извештајот е наведено дека Обвинителството фактички функционира нешто повеќе од три месеци, бидејќи одредени рокови беа пробиени.

Доколку продолжи праксата на недоставување на предмети СЈО ќе биде приморано да воспостави надлежност врз предметите врз основа на прислушуваните материјали и да се легитимира во постапката по таквите предмети, стои во текстот. Во извештајот има констатации и дека Основниот суд 1 исто така не ги доставил доказите на СЈО со цел да предизвика одолговлекување на главната расправа за предметот „Пуч“.

Во извештајот има детали за доставениот хард диск и шесте кутии со транскрипти до ова Обвинителство од СДСМ. Обвинителството констатирало дека на хард дискот се содржани 546.948 фајлови. Меѓутоа Јанева укажува дека дел од јавните обвинителства спротивно на барањето на СЈО да достават само пет предмети ги доставиле сите предмети и со ова, како што се вели во извештајот, Јавното Обвинителство изразило непочитување на работата и автономноста на СЈО.

Во документот има отчет и за средствата во висина од четири милиони евра што му беа определени на СЈО за кои се крена многу врева во јавноста. Во извештајот се вели дека целокупното финансиско работење е во рамки на одобрениот буџет. Од одобрените средства се потрошени 21,4 проценти и тоа за плати на вработени, комунални услуги, инвентар, адаптација на зградата, купување опрема и друго.

Конкретно 27 илјади евра се потрошени за плати, 71 илјади евра за адаптација на зградата, 7 илјади евра на комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, 22 илјади евра за материјали и ситен инвентар и остатокот на опрема и машини како и поправки и тековни расходи. Остатокот од средствата, вкупно 811 илјади евра се вратени во Буџетот, а не се потрошени, поради тоа што, како што се вели во извештајот „до крајот на 2015 година не се реализира ниту едно вработување на јавнообвинителски службеници и лица кои вршат помошни и технички работи поради непостоење на соодветна законска регулатива. Поради тоа, средствата потрошени за плати на јавните обвинители се во помал износ од планираните, а средствата за плати на вработените воопшто не се потрошени. Воедно пробивањето на роковите околу комплетирањето на ова Јавно обвинителство, меѓу кои и доцнењето на согласностите од Советот за јавни набавки, влијаело планираните средства за експертизи, вештачења, договорни услуги, јавни набавки и слично да не бидат искористени во целост, стои во текстот.

Извештајот е предаден до пратениците во Собранието, а потоа ќе се разгледува на Комисија за политички систем и пленарна седница, на кои Јанева треба да го образложи напишаното. Собраниските служби информираа дека пленарната седница на која ќе биде разгледан извештајот на Јанева е закажана за 28 март.

Од Советот на обвинители велат дека извештајот ќе биде доставен на разгледување до сите членови, а потоа треба да има отворање на дискусија и негово разгледување и оценувања.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG