Достапни линкови

Јанева бара Груевски да се појави на судењето за „Пуч“


Судот не доставил потребни документи до СЈО поврзани со предметот „Пуч“, поради што денешното рочиште е одложено. Специјалното обвинителство бара на судењето да биде присутен и главниот сведок Никола Груевски. Еден од обвинетите е Зоран Заев кој вели дека ова е прв Суд во светот кој не сака да утврди правда.

По деветти пат е одложено судското рочиште за предметот „Пуч“ во кој еден од обвинетите е лидерот на опозицијата Зоран Заев. Причината за одлагањето е жалбата на Специјалното обвинителство за недоставувањето на копии од доказите кои ги поседува Судот, а се поврзани со овој предмет.

Специјалната обвинителка Катица Јанева пред Судот рече дека е неопходно на рочиштата да присуствува и главниот сведок кој е оштетен во постапката, алудирајќи на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Освен со начинот на постапување во предметот „Пуч“, Основниот суд ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои сме побарале предметите да ни бидат доставени на увид, поради што до Судскиот совет ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев по завршување на рочиштето изјави дека ова е прв Суд во светот кој не сака да утврди правда.

„Под изговор на класифицирани информации Судот кој што не поседува сертификат за класифицирани информации, не го доставува предметот на Специјалното јавно обвинителство, кое што поседува сертификат за класифицирани информации, тоа значи само едно, одолговлекување до бесвест за да може Заев, Верушевски и другите да ги сликаат пред Судот борејќи се за правда, во пресрет на предвремените парламентарните избори.

Сведокот е единствен во овој предмет се вика Никола Груевски и тој избегнува да се појави овде пред судот “, рече Заев.

Судот по барањето на Јанева да биде повикан сведокот, истакна дека тоа ќе го стори кога ќе бидат создадени услови за тоа, односно откако ќе отпочне главната расправа и ќе бидат искажани воведните говори.

Во соопштението од СЈО е наведено дека имаат впечаток оти Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи им да започнат со главната расправа.

„Освен со начинот на постапување во предметот „Пуч“, Основниот суд ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои сме побарале предметите да ни бидат доставени на увид, поради што до Судскиот совет ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот“, се вели во соопштението.

Следното рочиште за предметот „Пуч“ е закажано за 3 мај, затоа што Јанева во април е зафатена со семејна прослава.

Во продолжение на соопштението, СЈО се жали дека институциите ја отежнуваат работата на ова обвинителство со пробивање на рокови, изигрување на законски одредби со што тие се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот.

„Од институциите кои одбиваат соработка со ова Јавно обвинителство првенствено би ги споменале Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. “

СЈО соопшти дека во тек се и 15 нови предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи.

Основен суд Скопје 1 - Не го одолговлекуваме Пуч, не сме фотокопирница

Основниот суд Скопје 1 денеска реагира дека тие ниту го одолговлекуваат случајот Пуч, ниту избегнуваат, ниту бегаат да ја утврдат правдата.

Специјалното јавно обвинителство претходно реагира дека Судот имја отежнува работата со тоа што не им дава копии од доказите во предметот Пуч. Судот, пак, одговори дека доказите се класифицирани и оти тие не смеат да издаваат преписи или копии „без изречна дозвола и одобрение од државните органи кои ги издале“ ваквите документи и го упати СЈО да ги побара доказите од Обвинителството за организиран криминал од кое го презедоа случајот или да ги побараат документите од државните органи кои ги издале. Судот вели дека на Специјалното обвинителство му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот.

„Судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и копира класифицирани списи и докази, за што нема такво овластување“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG