Достапни линкови

Колку коментари, толку различни мислења за прашањето дали граѓаните и веруваат на Специјалната обвинителка. Читателите коментирале и за посетата на високиот американски функционер Хојт Ји и за интервјуто со Изет Меџити.

Судејќи според бројноста на вашите коментари на нашата веб-страница, редакцијата на РСЕ на македонски ептен го погодила прашањето во Хајд паркот – дали граѓаните веруваат во Катица Јанева? И како вообичаено, колку луѓе, толку различни мислења. Две сосема спротивни коментара и ете ја сликата за различноста. Горан напишал: „Инсталација од странство, со самото тоа осудена на неуспех‟, а Предраг вели: „Ако не ја заврши, нема да имаме ни држава‟. Даниел мисли дека проблемот е во тоа што дел од „несвесните‟ се фатиле на оро од кое тешко се излегува. „Себични, не мислејќи на иднината, со мотив да приграбиме што има за грабање денеска, остави го утрето на идните генерации да му ја мислат...‟ пишува Даниел.

Некој Иван од Струмица смета дека СЈО е фарса. „Можеби во незаконски стекнатите разговори има појдовна точка за некаква истрага, но јас би прашал – на кој начин Заев стигнал до нив?‟, коментира струмичанецот, додавајќи дека сè додека оние околу него замижуваат пред неговото барање поткуп, во оваа држава никој искрено не сака да расчисти со криминалот... Муталип Ислами не верува дека покренување постапка, која прво треба да се прифати, па да се суди... е можно во Македонија. „ТОА БИ БИЛО КРАЈ НА СВЕТОТ‟, со големи букви напишал Ислами.

Зборовите на високиот американски функционер Хојт Брајан Ји, кој изјави дека сите одговорни за кризата треба да бидат повикани на одговорност, Миле од Охрид малку злобно ја искоментирал: „Ја примивме пораката на Ји со показната вежба во Бутел и пародијата на Кате...‟, а Пиле прашува за која криза зборува Ји, дали за онаа во 2015 кога прв пат ја посети Македонија, или за оваа сега, проширена и продлабочена благодарение на актерите од владејачката коалиција.

По неделното интервју со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, за РСЕ, има повеќе непријателски кометари против однесувањето на македонските Албанци. А Зоки од Скопје само во едно се согласува со Меџити: „Крстови и минариња треба да се поставуваат каде што има верски објекти, а не по улици!!! А за коалицијата, епа, кога си играш со ѓаволот така се завршува, КОНФЛИКТНО!!!‟, коментира Зоки.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG