Достапни линкови

logo-print

Државата нема слух за децата со попречености


Центарот на Куманово

Центарот на Куманово

Дефектолозите и логопедите веќе цела деценија не се дел од задолжителниот стручен тим во училиштата, а од нив има потреба.

Бројот на деца со пречки во развојот се зголемува, родителите се немоќни и разочарани во потрага по ублажување или надминување на проблемот, а Законот за образование веќе една деценија, дефектолозите и логопедите, како дел од стручниот тим во училиштата, ги избришал. Нарушен е системот за третманот на овие деца, кои се и во иднина уште повеќе ќе бидат бројна ранлива категорија граѓани, забележуваат упатените.

Се зголемува бројот на овие деца, особено со проблеми во говорната комуникација. Она што најмногу ме запрепастува е што во Законот за образование логопедот не постои како дел од стручниот тим во училиштата. Ова не е случај ниту некаде во регионот, ниту во светот.

Куманово, најголемата локална самоуправа, не може сама да се справи со овој проблем без поддршка од државата, која, пак, кон оваа општина се однесува игнорантски. Невладиниот активист Горан Петрушев смета дека стручните тимови во училиштата треба да се докомплетираат со дефектолози и логопеди.

Романа Орозовиќ, логопед во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово, каде едниствено постојат специјални паралелки, која повеќе од три децении работи на надминување на оваа проблематика, вели дека состојбата е запрепастувачка.

„Се зголемува бројот на овие деца, особено со проблеми во говорната комуникација. Она што најмногу ме запрепастува е што во Законот за образование логопедот не постои како дел од стручниот тим во училиштата. Ова не е случај ниту некаде во регионот, ниту во светот“, вели таа.

Според Орозовиќ, жално е за децата, но и за нивните родители кои често пати се принудени да ги носат кај стручњаци во Скопје, а од таму пак ги враќаат во Куманово, за што таа додава дека можностите им се ограничени. За предвидената инклузија на овие деца, според логопедот, тоа е позитивно, но и натаму на тие деца им е неопходна помош.

„Треба да им помагаат дефектологот и логопедот, заедно со педагошко-психолошката служба, со одделенските наставници. Инаку, децата во редовните паралелки добро ги прифаќаат нивните врсници со попречености“, вели таа.

Марина Манојловска, директорка во ОУ „Браќа Миладиновци“, вели дека во нивното училиште постојат посебни паралелки, меѓутоа проблемот во ова неетичко општество останува.

„Ниту дефектолози, ниту логопеди, што подразбира од Институтот на дефектологијата, не се вклучени во образовниот процес, во редовните паралелки, освен во посебните“, вели таа.

Малку се училишта во Куманово каде што има дефектолози, без оглед дали се на македонски или на албански наставен јазик, иако не е занемарлив бројот на дипломираните, особено што во државава постојат вакви високообразовни институции, дури има најава и за отворање нови, што е парадоксално.

Лидија Костиќ, директорка во Основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, вели дека во ова време кога бројот на децата со попречености е во пораст, нормално е меѓу над илјада и двесте основци во училиштето, да имаат и такви деца.

„Училиштето нема дефектолог, има педагог и психолог. Нашата работа е да ги детектираме тие деца и вклучуваме во редовна настава. Новите текови на воспитно-образовниот систем бараат инклузија на тие деца во редовна настава. Тоа е дополнително оптоварување и за наставниците и за училишната служба. Интензивно работиме на проекти и за обука на наставниците“, вели таа.

Според Костиќ, тие ги тестираат децата, а потоа ги праќаат во Скопје, оти на постојаните барања од Министерството за образование да добијат одобрение за вработување дефектолог и логопед, подолг период немаат зелено светло. Затоа, додава Костиќ, крајно време е да се заземе генерален став и сите воспитно-образовни установи да вработат вакви стручњаци.

Состојбата е алармантна, смета градоначалникот Зоран Дамјановски, кој заедно со локалниот Сектор за образование, не може да го надмине проблемот.

„Десет години работиме на надминување на овој проблем. Куманово десет години нема добиено согласност за ниту еден логопед, ниту за еден дефектолог“, вели тој.

Локалната самоуправа партиципира, вели Дамјановски, но тоа е во обезбедување превоз на овие деца и некои други активности, инаку организацијата на овој систем е обврска на Министерството за образование.

„Меѓутоа за буџетска поддршка за вработување законот не ни е наклонет и не ни дава за право, бидејќи тоа се блок дотации кои доаѓаат од ресорното Министерство“, вели тој.

Во неможноста да се справи со надлежните во државава, особено кога се работи за најчувствителната категорија граѓани, Дамјановски не го крие разочарувањето. Тој вели дека е историска неправда кон образовниот процес во најголемата локална самоуправа, бидејќи една деценија нема одобрение за вработување на педагог, психолог, социјален работник, логопед или дефектолог.

„По сите овие случувања последните десет години, ќе бидам малку сатиричен, Куманово е зрело за референдум дали припаѓа или не во Република Македонија“, вели Дамјановски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG