Достапни линкови

Се зголемува бројот на деца со пречки во развојот од засега неутврдени причини, но во Куманово и во североисточна Македонија нема доволен број логопеди и дефектолози што се грижат за нив.

Иако бројот на децата со пречки во развојот се зголемува од засега неутврдени причини, за нивно какво-такво оспособување за вклучување во секојдневниот живот се грижат или лавовски се борат нивните родители и недоволен број на вработени дефектолози и логопеди во Куманово. Се има впечаток дека овој повеќе од сериозен проблем надлежните во државава воопшто не го ставаат на дневен ред.

во поголем број училишта немаме ваков стручен кадар, а имаме значајна бројка на ученици со посебни образовни потреби.

Во Куманово, во Основното училиште „Браќа Миладиновци“, постојат девет посебни паралелки со деца со комбинирани пречки во развојот, а има дефицит од дефектолози. Во останатите основни училишта ваков кадар нема, а барања до Министерството за образование и наука има.

Миле Стојменовиќ од Секторот за образование во Општина Куманово вели дека четири основни училишта од Куманово го запазиле рокот до 31 јули годинава за поднесување барања за нови вработувања за дефектолози и логопеди. Основното училиште „Браќа Миладиновци“ има потреба и од дефектолог и од логопед.

Еден дефектолог на пет-шест деца не може. Сите деца се со различна дијагноза и сите се посебни. Треба со едно дете да се работи барем еден час. За посебни паралелки треба многу повеќе ангажирање и на дефектолози и на логопеди.

„До овој момент немаме одговор. Очекуваме дека аргументацијата е оправдана, бидејќи во поголем број училишта немаме ваков стручен кадар, а имаме значајна бројка на ученици со посебни образовни потреби“, вели Стојменовиќ.

Родителите кои имаат деца со пречки во развојот секојдневно ги носат на училиште, затоа се и очевидци дека недостасува стручен кадар за работа со нив.

„Проблемот е што имаме еден логопед и таа не може да работи истовремено со сите.“

Апсурд е да се зборува колку работа има еден логопед за да може да постигне, во оваа општина. Сите луѓе кои имаат проблеми и од Кратово, Крива Паланка и Свети Николе ги носат децата кај мене, бидејќи таму нема ниту дефектолог, ниту логопед.

„Еден дефектолог на пет-шест деца не може. Сите деца се со различна дијагноза и сите се посебни. Треба со едно дете да се работи барем еден час. За посебни паралелки треба многу повеќе ангажирање и на дефектолози и на логопеди“, велат мајки на две деветгодишни деца со посебни потреби, со апел до надлежните да имаат слух за вработување на овој тип стручен кадар.

Во ОУ „Браќа Миладиновци“ во посебните паралелки има дефектолози кои мака мачат да им помогнат на овие деца, а Романа Орозовиќ веќе три децении е единствен логопед. Затоа и не само од Куманово, туку и од Кратово, Крива Паланка и Свети Николе родителите бараат помош од неа. Таа, како и останатите нејзини колешки дефектолози, сака на сите да им излезе во пресрет. Колку е можно со десет деца со посебни потреби да се работи истовремено и зошто надлежните не вработат уште стручни лица за пружање помош на овие деца, но и на нивните родители е прашањето кое сите го поставуваат. Особено, што во Македонија постои високообразовна институција токму за ваков кадар кој не е вработен.

„Апсурд е да се зборува колку работа има еден логопед за да може да постигне, во оваа општина. Сите луѓе кои имаат проблеми и од Кратово, Крива Паланка и Свети Николе ги носат децата кај мене, бидејќи таму нема ниту дефектолог, ниту логопед. Сега бројката е алармантна и загрижувачка. Сите тие дечиња со комбинирани пречки во развојот, со аутизам кој по тоа е и препознатлив, имаат проблеми со говорот. Навистина не може да се каже колку е голема потребата од дефектологијата и логопедијата“, вели Орозовиќ.

Таа додава дека овие деца треба секојдневно да се под третман.

„Дали тоа ќе биде дефектолог или логопед, затоа што сите се со различни проблеми. Зависно од дијагнозата на детето, зависи и времетраењето на терапијата. Некое дете може да остане внимателно и половина час, но има и деца кои по пет минути веќе врескаат. Затоа е неопходна умешноста, трпението, упорноста на стручното лице. Тука нема одредена минутажа. Сите се посебни и според тоа се прави и терапијата“, вели Орозовиќ.

Работата со овие деца е долготрајна, макотрпна, некогаш има и повеќе од очекувани резултати, но има случаи каде што тие се под очекуваните. Неопходна е соработка и со родителите. Затоа дефектолозите и логопедот освен што максимално обрнуваат внимание на децата, тие се принудени да ги упатуваат и родителите кои со терапијата треба да продолжат и дома, велат дефектолозите.

Тие заедно со родителите апелираат до надлежните да преземат мерки за зголемување на бројот на вработените дефектолози и логопеди, зашто евидентно е дека сè повеќе се зголемува бројката на децата со пречки во развојот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG