Достапни линкови

Собранието се пишмани за распуштањето


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Собранието ја укина одлуката со која на полноќ требаше да се распушти. Пратениците на СДСМ не гласаа.

Пратениците вечерва неколку минути пред полноќ, со 83 гласа за и 3 против, ја укинаа одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари. Пратениците на СДСМ не гласаа за овој закон.

Координаторот на опозициската партија Горан Сугаревски истакна дека тоа е уште еден пораз на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи се покажало оти нема услови за фер и демократски избори.

Координаторот на опозициската партија Горан Сугаревски истакна дека тоа е уште еден пораз на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи се покажало оти нема услови за фер и демократски избори. Според него, без прочистен избирачки список и без реформи во медиумите не може да има фер и кредибилни избори и тоа го потврдила меѓународната заедница. Тој порача дека СДСМ не гласала за едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за распуштање на Собранието на 18 јануари и затоа и нема да гласаат и сега за одложување на изборите.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека е срам за една политичка партија да бега од избори и да се радува за тоа. Тој порача дека ниту еден меѓународен посредник и измислен пријател нема да ги заштити СДСМ од волјата на народот. Според него, народот ќе си дојде по своето и ќе го врати суверенитетот на државата.

„На 5 јуни со вас или без вас граѓаните ќе го изберат новото Собрание, а вие и натаму да продолжите со деструктивната и кукавичка политика“, нагласи Димовски.

За збор се јави и координаторот на ДУИ, Талат Џафери кој рече дека тие, како и на 18 јануари, по договор на лидерите на политичките партии и под надзор на меѓународната заедница го преземаат овој чекор со цел, како што нагласи, да се излезе од политички хаос во земјата и затоа ќе дадат поддршка и на оваа одлука.

Собранието вечерва треба да гласа и за измени на изборниот законик, во кој стоеше дека изборите ќе се одржат на 24 април. Сега е предвидено да бидат на 5 јуни.

Претходно во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беше американскиот амбасадор Џес Бејли, а во текот на денот европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан, кои се во Македонија, се сретнаа со лидерите на ДУИ, СДСМ и на ДПА, а во јавноста нема информација дали имале средба и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. По средбата со нив попладнево, лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека кај европратениците видел светло на крајот на тунелот и надеж дека може да се постигне решение.

„Во однос на ДУИ, ние немаме никакви разлики со меѓународната заедница за начинот како треба да се реши оваа ситуација и оваа криза, туку разменивме исти мислења со нив како да ја надминеме кризава и се договоривме да имаме заеднички активности сè до полноќ кога е најкритичниот момент за нашата земја“, рече Ахмети, чија пратеничка група во текот на денот собра потписи за поднесување иницијатива за поништување на одлуката за распуштање на парламентот.

На неа, покрај лично тој, се потпиша и претседателот на ДПА Мендух Тачи, кој по средбата со европратениците кратко одговори дека може да има избори на 24 април, но без нив.

„Жал ми е што и пред европратениците и пред јавноста денеска уште еднаш се потврди мојот скептицизам од пред осум месеци кога реков дека не забележувам сериозност кај трите политички актери што моментно ја сочинуваат владејачката структура за да се имплементира политичкиот договор. Денеска сме при крај на времето, ни се бројат часовите. Јас и на европратениците и на сите претставници на меѓународната заедница им реков дека ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес во овие критични моменти Македонија да не го напушти патот кон Европа и кон НАТО“, рече Тачи.

Инаку претходно, пред зградата на владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од сите функционери од опозициската партија кои во кабинетот на Груевски влегоа согласно пржинскиот договор, најави оставки од функциите.

„Доколку остане во сила одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари 2016 година, бараме оставките претходно да се констатираат. Согласно договорот од Пржино, владата во која што учествуваме се формираше за организирање фер и кредибилни избори откако ќе се исполнат сите точки од овој договор. Во Македонија нема услови за фер и демократски избори на 24 април. Тоа е директно потврдено и од меѓународната заедница, Европската унија и Соединетите Американски Држави“, рече Спасовски.

Единствена партија која денеска не се огласи во врска со случувањата поврзани со распуштањето на Собранието е ВМРО-ДПМНЕ. Тие вчера преку соопштение нагласија дека услови за фер и демократски избори има, а оти САД и ЕУ немале кредибилни аргументи дека земјата не е подготвена за избори, туку тоа била нивна политичка одлука.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG