Достапни линкови

Пратениците во цајтнот


Кадарот на СДСМ во Владата поднесува оставки доколку Собранието се распушти до полноќ. Пратеникот Рафис Алити иницира Собранието да ја смени одлуката и да не се распушти. Европратеници се во посета на Скопје.

Министрите и дополнителни заменици министри од СДСМ во владата денеска поднесоа оставки од функциите, соопшти министерот за внатрешни работи и генерален секретар на партијата Оливер Спасовски. Пред зградата на владата тој беше придружуван од сите функционери од опозициската партија кои во кабинетот на Груевски влегоа согласно пржинскиот договор.

Согласно Договорот од Пржино, Владата во којашто учествуваме се формираше за организирање фер и кредибилни избори откако ќе се исполнат сите точки од овој договор. Во Македонија нема услови за фер и демократски избори на 24 април.

„Доколку остане во сила одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари 2016 година бараме оставките претходно да се констатираат. Согласно Договорот од Пржино, Владата во којашто учествуваме се формираше за организирање фер и кредибилни избори откако ќе се исполнат сите точки од овој договор. Во Македонија нема услови за фер и демократски избори на 24 април. Тоа е директно потврдено и од меѓународната заедница, Европската унија и Соединетите Американски Држави“, рече Спасовски.

Во меѓувреме во Собранието пратеникот од ДУИ Рафис Алити собира потписи од пратениците за да поднесе иницијатива за промена на одлуката за распуштање на Собранието, кое според изгласаното во јануари треба да се распушти на полноќ. За да биде сменета одлуката која е во сила потребни се 62 гласа од пратениците кои ДУИ е невозможно да ги обезбеди ако за тоа не гласаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ. Од партијата на Груевски последен вчерашен став е дека услови за фер и демократски избори има, а оти САД и ЕУ немале кредибилни аргументи дека земјата не е подготвена за избори, туку тоа била нивна политичка одлука.

Од СДСМ, пак, засега велат дека се уште не ја виделе писмено иницијативата на Алити, дека не се дел од таква иницијатива а за тоа како ќе се изјаснеле ќе соопштеле откако ќе ја добиеле во пишана форма. И Павле Трајанов од Демократскиот сојуз ги повикува сите парламентарни партии и пратениците да гласаат за Парламентот да ја поништи одлуката за самораспуштање, да се продолжи со работа се додека не се создадат услови за фер, демократски, слободни и кредибилни избори, на кои ќе имаат еднакви шанси сите партии и граѓани кои ќе учествуваат на изборите.

Во Скопје денеска се и тројцата европратеници кои учествуваа од почетокот на процесот поврзан со пржинскиот договор. Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан попладнево се среќаваат со партиски лидери и претставници но засега нема најава ниту за заедничка средба.

Евроамбасадорот Аиво Орав вчера преку социјалната мрежа Твитер порача дека посета на европратениците е последна шанса за партиските лидери да пронајдат решение.

Амбасадарот на Соединетите Американски Држави Џес Бејли, пак, во две различни интервјуа вчера рече дека клучното прашање сега, кое го дискутирале во последниве неколку дена, бил денот на изборите, бидејќи како што рече по полноќ процесот ќе стигнел до точката од која нема враќање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG