Достапни линкови

„Титаник“ за изборни манипулации е првиот случај на СЈО. Осомничени се поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски и поранешниот секретар на влада, дека ги злоупотребиле изборите и гласањето за да победи одредена политичка партија. Осомничени се и судии и поранешни членови на ДИК.

Поранешен министер за внатрешни работи, поранешен министер за транспорт и врски, поранешен генерален секретар на Влада, како и други лица се осомничени во првата акција на Специјалното јавно обвинителство, наречена „Титаник“, за кривични дела поврзани со изборите и гласањето, соопштија денеска на прес-конференција од Специјалното јавно обвинителство.

​Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека побарале притвор за осум луѓе, а еден човек е предаден на истражен судија, оти има двојно државјанство. Според СЈО, се работи за целосна криминализација на изборниот процес.

Кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи, министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел.

„Одредена група на луѓе, на кои нема да ги откријам идентитетите, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт“, рече обвинителката Фетаи.

Во процесот на изборни манипулации, велат од СЈО, биле применувани и други методи како насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања.

Обвинетелката Фетаи рече дека за делата за кои се осомничени е предвидена казна од минимум три години затвор. Според СЈО предметот е сосема случајно на прво место, иако, како што велат според важноста би требало да биде на второ место.

Од Специјалното обвинителство соопштија дека се покренати обвиненија и против петмина судии од Управиот суд и против четворица членови на ДИК од 2013 година.

Специјалното обвинителство утврдило дека како дел од тој процес на, како што велат, криминализација на изборниот процес, биле издадени 15 илјади нови матични броеви, но не на новороденчиња, биле испечатени 35 илјади лични карти кои не биле подигнати од никого, а биле издадени и повеќе од 60 илјади нови државјанства.

„Кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи, министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел“, рече таа.

Обвинителката Фетаи рече дека за улогата на дијаспората и конзуларните претставништва во процесот на гласање ќе биде отворен посебен предмет.

Во тоа време министри за транспорт и врски и за внатрешни работи беа Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, а секретар на владата беше Кирил Божиновски.

Изборните манипулации беа дел и од опозициските „бомби“. Но прислушуваните разговори не се земени како докази, велат од СЈО.

Женски глас: …да му се сневиди. Глејте нешто не потпишувајте…

Машки глас: Ај да видам да не потпишат нешто…

Женски глас : …засписници, приговори…

Машки глас: …важи…

Женски глас: …нешто така да се прегласа…

Машки глас: Важи.

Женски глас: некое ливче нека снема, хаха, ајде

Машки глас: А бе затворени се, таму нашите нешто унатре да направат некој инцидент, да може да го поништиме гласањето таму.

Женски глас: Па нека не потпишуваат записници, нека направат нешто.

Женски глас: Вика, Ристе го пуштивме да ни кажува од лице место. Една од СДС се држи за радијатор и ме гребе, и оваа се мава од радијатор. Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава. Тој еден луд џандар и вика, госпоѓо отстапи. Лудница. Ама знаеш, таму е стварно лудница, ама си гласаат луѓево. хахаххаха

Машки глас: Си гласаат луѓето непречено.

Женски глас: Види, му кажав на Славе, таму кадешто мислите дека е тенко, не пишувајте записници, остајте простор за приговор, немамее контрола таму, остајте простор па после за уши циган по циган ќе ги вадиме. Сега мора така, оти затворени се избирачките места.

Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева рече дека како и досега и натаму ќе има опструкции против новоформираното обвинителство, но како што рече тоа нема да има ефект врз работата на тимот и дека тие ќе опстојат на сите „бури“.

Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници“, рече Специјалната обвинителка Јанева.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG