Достапни линкови

Кои предмети се обработуваат во СЈО и зошто Катица Јанева е цел на жестока пропаганда поради која мисијата на САД во ОБСЕ мораше да ја предупреди директно владејачката ВМРО ДПМНЕ?

Опструкциите врз работата на Специјалното јавно обвинителство ќе продолжат и понатаму, велат експертите и покрај тоа што за прв пат претставници на меѓународната заедница реагираа по прашањето. Од досегашната работа на тимот на Јанева може да се заклучи оти е во тек истрагата за случаите Пуч, убиството на Мартин Нешкоски, како и работата на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на Специјалната обвинителка се уште еден извор на загриженост. Ние ги повикуваме сите политички партии, кои едногласно се договорија за именувањето на госпоѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа.

Заменичката на постојаниот претставник на САД во ОБСЕ и заменик шефица на мисијата на САД во Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, Кејт Брнс го повика ВМРО-ДПМНЕ јавно да ја поддржи работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа.

„Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на Специјалната обвинителка се уште еден извор на загриженост. Ние ги повикуваме сите политички партии, кои едногласно се договорија за именувањето на госпоѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа.“

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска вели дека треба да се остави Специјалното јавно обвинителство да си ја врши својата работа, па потоа да се коментира, а не само да се создава негативна слика кај граѓаните. Според неа, досега не било препознатливо такво однесување спрема некои други јавни обвинители кои постапувале по одредени предмети.

„Нешто што треба сите во Македонија да го сфатат е дека политиката треба да си ги тргне рацете од обвинителството и од судството. Оставете ја институцијата да си работи согласно надлежностите што и се дадени. Време за коментари и време за елаборирање има. Меѓутоа нема време да се санира состојбата во која се наоѓа Македонија“, вели Маргарита Цаца Николовска.

Универзитетскиот професор Башким Селмани вината ја гледа кај Јавното обвинителство кое не постапувало и не ги открило кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори, а сега го спречуваат Специјалното јавно обвинителство да работи. Но, според него проблемот е што Специјалното јавно обвинителство досега не покренало одредени предмети.

„Значи ако не се отвараат предмети навреме и место тогаш се создава простор за да манипулираат одредени луѓе кои ја манипулирале државата речиси 10 години“.

Од Специјалното јавно обвинителство ни соопштија дека нема да даваат коментари за медиумите до наредната прес конференција, која би требало да се одржи во следната недела.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG