Достапни линкови

logo-print

Неделниците не ја напуштаат Специјалната обвинителка


Република пишува дека специјалната обвинителка мора што поскоро да приложи аргументи со кои ќе ги „отфрли сомневањата за нејзината пристрасна и непрофесионална работа‟. Фокус за „Епски судир на Гоца и Катица‟ во битката за сведоци, а Глобус за тоа дека „дпмнето речиси една деценија бесрамно го лаже народот“.

Република - Катица Јанева, па Катица Јанева

Катица Јанева, па Катица Јанева... Провладината Република не ја напушта главната тема во последните неколку изданија: Специјалното јавно обвинителство, нејзиниот прв човек и работата на институцијата која треба да ги истражи индициите за наводните криминални дејствија на владејачката гарнитура од аудио-снимките во „бомбите‟ на опозициската СДСМ и нејзиниот лидер, Зоран Заев. Уводникот, покрај на обвинувањата дека опозицијата и Заев сакаат медиуми по своја мерка, е посветен и на постојаната тема: СЈО и Јанева. Авторот смета дека специјалната обвинителка мора што поскоро да приложи аргументи со кои ќе ги „отфрли сомневањата за нејзината пристрасна и непрофесионална работа‟ - како што пишува, и да одговори на повеќе прашања – од случајот „Пуч‟, преку, според неделникот, скандалозното разрешување на две обвинителки, до кривичните пријави за малтретирање на сведоци и нудење поткуп...

Фокус - Епски судир на Гоца и Катица

Фокус пишува за „Епски судир на Гоца и Катица‟ во битката за сведоци: За изборниот криминал на ДПМНЕ, тврди авторот, Специјалното обвинителство има многу сведоци. Обвинителите на Катица ги испрашале, но потоа нив ги обработила и г-ѓа „Ливче нека снема‟. Сведоците ѝ се пожалиле на Јанева дека Фамилијата им врши притисок. И ете ти сега, кривични пријави за луѓето на Катица! Не ви е јасно? - прашува авторот на текстот во Фокус. Па кој ги притиска сведоците!? Не е важно – држте го крадецот! Важно е оти двете дами, Гоца и Катица се во епска битка. Едната си ја штити Фамилијата, другата бара правда! – објаснува Фокус.

Глобус - Безочни лаги

Глобус колумната Таленти ја насловува со: „Безочни лаги‟, а во неа потсетува дека „дпмнето речиси една деценија бесрамно го лаже народот, го принудува да живее без вистина и во темница, без сегашност и иднина‟. Свесна дека се ближи крајот, пишува авторот на колумната, врхушката на дпмнето остварува нови (не)успеси во безочното лажење. Сите сили се насочени да се скријат криминалот и грабежот, измамите и диктаторското владеење изминатата деценија... сите сили се насочени да ја блокираат и оневозможат истрагата на Специјалното обвинителство. Се почна со формални опструкции, потоа бараа „влакно во јајцето‟, најновото се обвинувањата за насилништво и давање поткуп. Каков ќе биде и од каде ќе дојде следниот атак врз тимот на Јанева? Заканата со клоци е веќе испратена. Крајна цел е да се блокира истрагата – да нема обвинение – заклучува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG