Достапни линкови

logo-print

Владата отвора нов универзитет за национална одбрана


Законот за формирање нов универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје денеска беше разгледуван од пратениците во прво читање. Опозицијата прашува чуму нов универзитет.

Одборот за акредитација и евалуација на високото образование го одобрил Предлог – законот на Владата за формирање на нов Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје, во чии рамки ќе функционираат осум нови факултети, рекоа денеска заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и министерот за одбрана, Зоран Јолевски, пред пратениците на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

За медицински и правен факултет, тоа е несериозно. Медицински е исклучително скап, одговорен факултет. Тој треба да се зајакне и практично е на многу ниски гранки и во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тој е поткован со кадри, но материјално секогаш кубури.

Законот денеска беше разгледуван на прво читање пред пратениците во Комисијата, а доколку биде усвоен, се очекува Универзитетот да почне со работа во академската 2016 – 2017 година, објаснија министрите. Тие истакнаа дека потребата од нов Универзитет е системско поставување на активностите во насока на едукација на кадар во делот на националната одбрана и безбедност.

„Системски поставената организација на новиот Универзитет подразбира во него да бидат осум единки: Воена академија за копнена војска, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство, Институт за информатички технологии и сајбер безбедност“, рече заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски истакна дека целта на формирањето на Универзитетот е поширокиот пристап кон оваа област, но освен од Македонија, во него да се образуваат кадри и од други држави.

„Со што би се генерирале приходи и би станала Македонија на некој начин регионален центар во оваа област“, рече Јолевски.

Пратеничката Солза Грчева рече дека во Скопје постојат медицински и правен факултет и дека Македонија е сиромашна земја за да прави нови исти факултети. Таа истакна дека од предложеното во Законот не е јасно дали студиите ќе бидат само додипломски или, пак, ќе има и магистерски и докторски студии.

„За медицински и правен факултет, тоа е несериозно. Медицински е исклучително скап, одговорен факултет. Тој треба да се зајакне и практично е на многу ниски гранки и во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тој е поткован со кадри, но материјално секогаш кубури“, рече Грчева.

Таа побара на пратениците да им бидат доставени имињата на членовите на Одборот за акредитација и евалуација, за, како што рече, да се види кои се тие што без да организираат евалуација на високото образование, носат два универзитета за само еден месец.

Пратеникот од ДПА, Орхан Ибраими рече дека со овој закон се кршат мултиетничките начела од Уставот од 2001 година. Тој рече дека пратениците од неговата партија ќе предложат амандмани за целосно менување на карактерот на законот.

Пратеничката Милева Георгиева од СДСМ рече дека сите предлози на власта за формирање на универзитети, кои се носат набрзина, не се издржани и оправдани и дека негативно влијаат на високото образование.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG